Србија ја снабдувала хунтата во Мјанмар со ракети и после државниот удар

Во извештајот на ОН се наведува дека Кина, Русија и Србија се снабдувачи со оружје на хунатата кое таа потоа го користи против цивилите


 

Експерт на ОН за човекови права објави извештај во кој именува три земји како добавувачи на оружје за воената хунта во Мјанмар, иако има „целосно знаење“ за нападите врз цивили.

Членовите на Советот за безбедност на ОН, Кина и Русија, како и Србија ѝ обезбедуваат на хунтата во Мјанмар борбени авиони кои се користат против цивили.

Специјалниот известувач на Обединетите нации за ситуацијата со правата во Мјанмар, Том Ендрјус, во вторникот го објави долгоочекуваниот извештај во кој детално опишува од каде хунтата го набавува оружјето, нагласувајќи дека две постојани членки на самиот Совет за безбедност, кои имаат право на вето врз неговите одлуки, остануваат меѓу главните добавувачи.

Тој го повика Советот да го запре протокот на оружје што овозможува злосторства.

„Треба да биде неспорно оружјето што се користи за убивање цивили повеќе да не се пренесува во Мјанмар“, рече Ендрјус во изјавата.

Во извештајот се вели дека Русија испорачала беспилотни летала, два вида борбени авиони и два вида оклопни возила, од кои едниот со системи за противвоздушна одбрана. Кина префрли борбени авиони додека Србија обезбедуваше ракети и артилериски гранати, се вели во извештајот.

Ендрјус, исто така, повика на намалување на пристапот на војската на Мјанмар до приходите од нафта и гас и девизните резерви, плус меѓународни забрани за купување на мјанмарска дрва, скапоцени камења и ретки земји.

„Ако приходите неопходни за одржување на таква војска се намалат, капацитетот на хунтата да го напаѓа и тероризира народот на Мјанмар ќе се намали“, рече тој.