Србија ја нема на листата за влез во Германија


Владата во Берлин денеска даде зелено светло за полесно влегување во Германија на граѓани од 11 земји кои не се дел од ЕУ. За разлика од листата на ЕУ, во германскиот список ја нема Србија

 

Според информации од кругови блиски на германската влада, за разлика од листата со земји од кои е олеснето патување во ЕУ и која е објавена вчера во Брисел, на германската листа на сигурни држави не се Србија, Мароко,Руанда и Алжир.

Влегувањето во Германија од тие земји не е олеснето од 1 јули затоа што институтот „Роберт Кох“ тие земји и натаму ги класификува како подрачје на ризик.

Влез ќе биде олеснет за граѓаните на Црна Гора, Австралија, Грузија, Канада, Нов Зеланд, Тајланд, Тунис и Уругвај. Патниците од Кина, Јапонија и Јужна Кореја во принцип исто така имаат зелено светло. Меѓутоа, тие земји официјално ќе се најдат на листата дури кога во тие држави ќе се постапи реципрочно, односно кога на германските државјани ќе им биде дозволен олеснет влез. Во тие земји делумно и натаму важат прописи за карантин.

Вчера Европската комисија со големо мнозинство гласови усвои листа на земји за кои патувањето во ЕУ би требало да биде олеснето. На таа листа не се земји како САД, Турција, Русија и Бразил, па нив ги нема ниту на германскиот список.

Во ЕУ, но и во Германија, листата со сигурни земји во време на пандемија на корона ќе се менува во зависност од епидемиолошката ситуација.

Србија на негативната листа и во Австрија

Истовремено, австриската влада издаде предупредување за патување за сите шест земји од Западен Балкан. Министерството за надворешни работи во Виена соопшти дека поради се’ поглемиот број заразени лица во тие земји, највисок степен за безбедност ќе биде воведен за Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Северна Македонија.

Одењето на одмор во тие змји би требало да се избегнува. Министерот за надворешни работи Александер Шаленберг изјави дека во Австрија веќе постојат случаи на корона предизвикани од патници од Западен Балкан. Министерот за внатрешни работи Карл Нехамер најави интензивна контрола на пограничното подрачје. Влез во Австрија е можен само со негативен тест за корона или со 14-дневен карантин. (Дојче Веле)