Србија има 38,1 тони златни прачки, Македонија 6,9 тони, а Словенија 3,2


 

Србија е водечка земја во регионот во однос на златото депонирано во трезорот на централната банка, покажуваат најновите податоци.

Кинескиот рударски гигант „Зијин“, кој управува со најголемиот рудник за бакар и фабрика за топење во Србија, продаде 5,74 тони злато на Народната банка на Србија во последните три и пол години, објави компанијата.

„Зијин“ во изминатите шест месеци произведе, продаде и испорача 852 килограми злато.

„Целото количество злато што се произведува, според српските закони, мора прво да ѝ се понуди на Народната банка на Србија, а само доколку одбие да го купи по пазарна цена, можеме да побараме дозвола за извоз. Тоа досега не се случило, што значи дека златото што го произведува оваа компанија останува во Србија“, објави „Зијин“.

Според последните информации, Србија со 38,1 тони златни прачки е водечка земја во регионот и 54-та во светот по злато депонирано во трезорот на централната банка. Во 2016 година во трезорот имало 17,9 тони злато.

Македонија е втора на Балканот со 6,9 тони златни резерви, потоа Словенија со 3,2 тони и Босна и Херцеговина со три тони. Црна Гора е последна со 1,09 тони, додека Хрватска не е рангирана. Еден килограм злато вредеше 58.119 долари на 4 јули. Тоа значи дека златните резерви на македонската централна банка изнесувале 401 милиони долари.