Србија и Косово тргнаа по патот на нормализација по охридските разговори

Според Жозеп Борел, Косово и Србија се согласиле за анексот за имплементација на Договорот. За Вучиќ европскиот пат ќе зависи од реализацијата на договореното


Жозеп Борел им го претставува на новинарите резултатот од разговорите (Фото: Б. Грданоски)

 

Иако резултат може да изгледа дека не е спектакуларен но денешните 12-часовни преговори меѓу Александар Вучиќ и Албин Курти со посредство на европските претставници на некој начин го отпочнаа процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Откако беа завршени разговорите во вилата „Билјана“ во Охрид Жозеп Борел, шефот на европската дипломатија (кој беше посредник заедно со специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак) изјави: „Можам да соопштам дека Косово и Србија се согласија за анексот за имплементација на Договорот, што треба да води кон нормализација на односите помеѓу нив“.

Според него, имплементацијата на договорот значи практични чекори што треба да се направи, кога, кој и како. Ова доаѓа по долги и тешки преговори, рече Борел.

„Денеска имавме средби во неколку формати со цел да ги надминеме разликите помеѓу страните“, нагласи високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.

Борел напомена дека „За членот 7 – Косово се согласи да започне веднаш, а кога велам веднаш, мислам веднаш, преговори за воспоставување аранжмани и подготовки за да се обезбеди вистинско ниво на самоуправа на српската заедница“.

Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Србија по разговорите изјави дека е постигнат некаков договор, дека се договорени неколку точки кои ќе станат составен дел од преговарачката рамка на двете страни. Тој рече дека утре (недела) ќе ги презентира точките пред граѓаните, а од понеделник ќе прими на консултации претставници од пратеничките групи „за да се договориме дали ќе одиме со општ акт во парламентот или не“ . Тој рече и дека нема точка во планот за имплементација за членството на Косово во меѓународните организации. Ни претстои сериозна работа наредните месеци, рече Вучиќ и нагласи дека европскиот пат на Србија ќе зависи од неговата реализација.

Фото: Б. Грданоски

Тој рече дека е поставена како приоритетна обврска формирањето на ЗСО согласно претходно постигнатите договори во рамките на дијалогот. А дали ќе биде, вели, останува да видиме. И за тоа сум задоволен, рече тој и додаде дека повеќе ќе се зборува за исчезнати лица и други работи.

Габриел Ескобар и Мирослав Лајчак (Фото: Б. Грданоски)

Тој додаде дека и денеска не потпишал ништо, додека Курти тоа наводно го барал цел ден и изјави дека планот за имплементација ќе се надградува. Патем, тој рече и дека нема смисла во планот за имплементација за членството на Косово во меѓународните организации. „Двајцата на различни начини јасно ставивме до знаење кои се неговите црвени линии, а кои се нашите црвени линии, мислам дека направивме добар чекор напред во конструктивна атмосфера и дека ќе почнеме да правиме нешто. Се разбира, тоа не беше Денот Д, но беше ОК ден“, рече тој. Вучиќ нагласи дека разговорот бил пристоен.