Србија и Ѓоковиќ се во шок по двата порази во еден ден


„Се чувствувам ужасно“, изјави Новак Ѓоковиќ по мечот

Маестралната игра на Александар Зверев од средината на вториот сет, кога до крајот тој освои 10 гема, а Новак само еден, го доведе Германецот до најголемиот успех во неговата кариера

 

Србија се чини дека уште не може да поверува дека големиот шампион и најдобриот тенисер во овој момент во светот изгуби два меча за пласман во финалето на Олимписките игри во Токио и сега единствената надеж му е да освои бронза барем во еден од натпреварите во сабота, поединечно и во мешани двојки. Поразот од Александар Зверев од Германија во полуфиналето е особено болен за Ѓоковиќ затоа што тој беше буквално разнесен во третиот сет кој го загуби 6:1. За светската спортска јавност изгледа несфатливо и како Ѓоковиќ кој лесно го освои првиот сет со 6:1, имаше брејко во вториот сет и водеше 3:2 и потоа загуби осум гема по ред. Но тоа е доказ дека и најголемите не се непобедиви, без оглед на сите суперлативи што се искажуваат за нив.

Сонот на Ѓоковиќ да освои олимписко злато остана само сон и сега ќе игра со Шпанецот Пабло Карењо Буста за бронза. Зверев, кој во финалето ќе игра против Русинот Карен Качанов по победата се расплака на мреќата

Новинарите на прес-конференцијата го прашаа Зверев дали му е жал за Новак бидејќи имаше шанса да го освои „златниот слем“ (четири грен-слема и олимписко злато во една година) на што тој одговори:

„Само што го победив и ме прашувате за тоа?! Ѓоковиќ има 20 грен слемови, тој е најдобар на светот, мислам дека сѐ најдобро за него, но го добив сега и среќен сум поради тоа. Му реков на Новак дека е најголем на сите времиња. 99 проценти сум сигурен дека ќе заврши со најмногу слемови и мастерси. Знам дека овде играше за историја, за ‘златниот слем’. Му реков дека ми е жал што победив, но убаво е понекогаш да го победиш… Не може да се освои сѐ“, рече Александар Зверев.

Тој објасни како дошло до пресвртот откако губеше 1:0 во сетови и 3:2 за Ѓоковиќ во вториот сет.

„Заостанував еден сет и брејк. Иако не чувствував дека играм лошо, ја играв неговата игра – размена на основната линија, долги поени, не бев агресивен колку што треба. Играв убаво, но тоа не е доволно против него, тој ќе победи во размените. Си реков дека после тоа ќе удрам послободно, и се исплатеше“.

„Не може да се освои сѐ“, рече Александар Зверев, осврнувајќи се на поразот на Ѓоковиќ

Неговиот брат Миша Зверев, кој работи како професионален консултант за „Еуроспорт“, откри интересен детал што наводно му „помогнал“ на неговиот брат да го направи тој пресврт.

„Тој заостануваше сет и брејк во вториот сет, а потоа одлучи да ги смени стегачите на рацете. До тој момент ги носеше оние во розова боја, а потоа ги смени и ги зеде црно-бела комбинација, а тоа се германски бои. Тогаш знаев дека сѐ ќе се промени. Верувам дека промената на стегачите беше неговата тајна на крајот“, рече Миша Зверев.

Ѓоковиќ беше скршен по поразот и во шок, што веројатно го предизвика и поразот во мешани двојки заедно со Нина Стојановиќ од рускиот пар Аслан Карацев и Елена Веснина со 7:6 и 7:5.

„Ужасно. Се чувствувам ужасно, ужасен ден… Не знам што да кажам, мојата игра се распадна против Зверев“, истакна Новак.

Од средината на вториот сет до крајот Шоковиќ освои само еден гем, а Зверев дури 10. Апсолутна доминација на Германецот.

„Тоа е спорт. Играше подобро. Морам да му оддадам признание за пресвртот. Сервираше екстремно добро. Не добивав многу можности на неговиот втор сервис, а мојот сервис драстично падна. Откако поведов со 3:2 во вториот сет, воопшто не добив лесни поени. Мојата игра се распадна. Застанав, му дозволив да нападне, слаб процент од првиот сервис… На ова ниво, со притисокот на Игрите и настапот за мојата земја… Не дојдов овде свеж, дојдов крајно исцрпен, но дојдов мотивиран, се разбира со желба да донесам медал“.

Во сабота ќе има два натпревари, па прашањето беше колку ќе може да се опорави и да се подготви за тој предизвик.

„Не знам. Во моментов се чувствувам ужасно, но се надевам на нов почеток утре. Се надевам дека ќе закрепнам и дека ќе можам да освојам барем еден медал за мојата земја“. (Според агенциите)