Србија и Црна Гора спротивставени околу законот за слобода на вероисповед


Најавата за усвојување на новиот Закон за слобода на вероисповед во Црна Гора, кој се однесува и за имотот и положбата на СПЦ во оваа земја, во Србија предизвика серија на „вербални коментари“ и „молби“ од српскиот државен врв.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ја коментираше реакцијата на официјална Подгорица на неговата „молба“, тамошните власти да не го поддржат предложениот закон за слобода на вероисповед, оценувајќи дека е „изненаден од реакцијата на Владата на Црна Гора, бидејќи на ниту еден начин не се мешал во нивните внатрешни работи“ и дека не ги „советувал“, како што тие тврдат.

-Само ги замолив како сосед и пријател уште еднаш да ги разгледаат одредените иницијативи. Ги замолив, бидејќи во прашање се интересите на српскиот народ и на српската црква, објасни Вучиќ.

Тој додаде дека „никогаш немал проблем кога од Подгорица посочувале на положбата на Црногорците во Србија, ниту пак имал проблем кога тие брутално се мешале во внатрешни работи, територијалниот интегритет и суверенитет, кога ги изнесувале ставовите за решавање на косовскиот проблем кој е наш проблем и не ги засега нив“, додавајќи дека „се заблагодарува на Владата на Црна Гора за разбирањето“.

Вучиќ вчера во „молбата“ за повлекување на спорниот црногорски закон, кој предвидува дека сите верски заедници, вклучувајќи ја и Српската православна црква, мора да докажат дека имале сопственост над имотите на црквата пред 1918 година, во спротивно ќе им бидат одземени, изјави дека „Србија преку Венецијанската комисија на Советот на Европа ќе побара да не биде усвоен Предлог-законот за слобода на религијата во Црна Гора, бидејќи тој не е добар за српскиот народ и додаде дека неговото донесување неизбежно ќе ги загрози добрите односи меѓу двете земји.“

Црногорската Влада експресно одговори дека не дозволува никој да и се меша во внатрешните работи.

– Му благодариме на претседателот Вучиќ за советите. Но, исто така, го потсетуваме дека Црна Гора е суверена држава која самостојно ја креира својота законодавна рамка, земајќи ги предвид интересите на секој поединец и заедницата во целина. Ние немаме, ниту имаме амбиција да влијаеме на законодавната активност на државата Србија, ниту ќе дозволиме некому, ниту на Србија, да влијае врз нашите одлуки, соопштија од Канцеларијата за односи со јавноста на Владата на Црна Гора.

Во „вербалните коментари“ денеска се вклучија и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ и министерот за одбрана Александар Вулин.

Дачиќ оцени дека рекацијата на Владата на Црна Гора е „избрзана“ и „непримерна“.

-Ова може да предизвика големи проблеми ако навистина дојде до одземање на објектите на Српската православна црква, истакна Дачиќ, додавајќи дека и граѓаните на Црна Гора се против ваквото однесување на тамошните власти.

– Дали некој навистина мисли дека ќе го земе (манастирот) Острог и ќе го грабне од СПЦ. Од кого да го грабне, од кого да го земе. Јас им советувам на сите да не одат против светите работи, никој не поминал добро кога е против свети места, нагласи српскиот министер за надворешни работи.

Вулин во свој стил изјави дека „никој не и забранува на Црна Гора да ја измисли својата црква, како што ја измисли окупацијата на Србија, додавајќи дека „официјална Подгорица не може да очекува Србија да молчи додека им се одземаат светите места на Србите“.