Србија и Албанија ќе бидат домаќини на Европското младинско првенство во 2027 година, одлучи УЕФА
Србија и Албанија ги добија правата за домаќини на Европското првенство за играчи до 21 година на УЕФА во 2027 година, објави УЕФА. Одлуката е донесена денеска, а за два дена ќе биде извлечена и ждрепката за квалификациите за завршницата во кои ќе учествува и младинската репрезентација на Македонија.
Заедничката понуда на Србија и Албанија е единствената што се разгледуваше денеска, бидејќи синоќа се повлекоа другите двајца претенденти за ЕП У21 во 2027 година, Белгија и Турција.
Според договорот меѓу двете земји, воведниот натпревар ќе биде во Нови Сад на стадионот „Караџорџе“, а финалето ќе се игра во Тирана на новиот национален стадион на Албанија, бидејќи ги исполнува условите за организирање натпревар од ова ниво.
Покрај Нови Сад, Србија ќе ги користи и трите нови стадиони што државните власти ги изградија во 2024 година – во Зајчар, Лесковац и Лозница. Освен во Тирана, албанската страна ќе претстави објекти во Скадар, Рогожине и Елбасан.
-Ова е стопроцентен фудбалски проект со многу добра политичка порака што можеме да ја пренесеме, рече Арманд Дука, претседател на Албанската фудбалска федерација и потпретседател на УЕФА.
За двете земји ова ќе биде најголемиот фудбалски настан што ќе го организираат. Имаше сериозна загриженост дека политичките тензии во последните години ќе го достигнат својот врв, но на крајот албанската страна подаде рака за проектот.
За малата балканска земја, која излегува на Јадранското Море, ова е трет голем фудбалски настан на кој е домаќин. Откако Арманд Дука е претседател на локалната федерација, Албанија беше домаќин на финалето на Конференциската лига, на Европското првенство за играчи до 17 години и сега на Европското првенство за играчи до 21 година.