Како ВМРО-ДПМНЕ не им верува ни на Светска банка ни на Владата


Димитриеска Кочоска вели дека се уште нема добиено детален преглед за што ќе се искористат парите. Без тоа нема да го стави потписот на документот, категорична е таа

Србија го зајакнува здравството со заем од Светска банка од 100 милиони евра, Македонија уште чека на одобрените 90 милиони евра, бидејќи дополнителната заменичка-министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, не сака да стави потпис

Мирче Јовановски

Кредитот од Светска банка во износ од 90 милиони евра, иако одобрен од бордот на оваа меѓународна финансиска институција и натаму не може да се реализира бидејќи повлекувањето на средствата сѐ уште чека на потписот на дополнителната заменик-министерка за финансии поставена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска. Овие пари се наменети за проекти во министерствата за здравство и за труд и социјала за справување со последиците од корона кризата, но дополнителната заменик-министерка тврди дека сѐ уште нема добиено детален преглед за што ќе се искористат парите. Без тоа нема да го стави потписот на документот, категорична е таа.

„Не може проектно финансирање да се базира на два листа хартија, еден од Министерството за здравство, еден од Министерството за труд и социјала. Кога се работи за проектно финансирање потребно е да се има јасни пресметки врз основа на кои ќе се бара заемот“, изјави Димитриеска Кочоска за „Економски магазин“ на „АлсатМ“.

И додека заемот за Македонија за сега не може да се реализира, иако беше одобрен пред повеќе од еден месец, соседна Србија деновиве објави дека добила од Светска банка 100 милиони евра за слични намени, односно за зајакнување на здравствениот систем.

На 26 мај српските медиуми објавија дека Светска банка одобри кредит од 100 милиони долари за Србија за борба против короната. Како што пишуваат, парите ќе се искористат „за воспоставување станици за брзо тестирање на патниците и зголемување на капацитетот за тестови на Ковид-19 од 7.000 на 9.000 на ден“.

Заемот ќе финансира до 12 станици за брзо тестирање на патници кои влегуваат во Србија, по една на аеродромите во Белград и Ниш, како и уште десет контролни пунктови на други гранични премини. Покрај тоа, заемот ќе финансира две регионални лаборатории во Клиничкиот центар на Војводина и Клиничкиот центар во Крагуевац, кои ќе можат да обработуваат 1.000 примероци на ден, или приближно 130 тестови на ден на 100.000 жители.

Со парите, Србија ќе набави дополнителна заштитна опрема, ќе осигури дека лабораториите што тестираат за Ковид-19 се поврзани со единствен електронски систем, како и дека ќе се зајакнат единиците за интензивна нега и единиците за изолација.

Фото: Б. Грданоски

За споредба, министерот за здравство Венко Филипче неодамна рече дека Димитриеска-Кочоска неколку пати испраќала барање до Министерството за здравство за објаснување за што ќе се употребат средствата и исто толку пати и било одговорено и дека со нејзина постапка на одолговлекување не се одобруваат средствата за здравствениот систем, односно за ургентна поддршка за зајакнување на капацитетите за третман на ковид пациенти.

Филипче: Средствата одобрени, Димитриеска-Кочоска ги кочи

„Средствата што се одобрени, а не ги одобрува Димитриеска-Кочоска, ќе помогнат да ги опремиме сите инфективни оделенија во државава, пред сѐ со интезивни кревети, машини за сликање, лабораториски капацитети и друго. Има еден дел од средствата за едукација на лекарите, потоа за надградување на епидемиолошките центри со комплетна опрема, односно овие средства се за сите аспекти кои ги покрива корона вирусот“, појасни Филипче.

Тој исто така информираше дека за овој кредит претходно имал конференциска врска со генералниот директор на Светска банка, од каде први ни излегле во пресрет и во рекорден период го одобриле кредитот. Брзото одобрување, според Филипче, се должи на потребата за зајакнување на капацитетите во борбата со корона вирусот.

Меѓутоа, Димитриеска-Кочоска воопшто не се осврна на овој дел од заемот, туку во емисијата наведе пример според кој околу 800 илјади евра биле наменети за пакети за помош на загрозени категории население. Нејзината забелешка е дека наместо пакети, на овие лица треба да им се префрлат по 1.200 денари на трансакциска сметка и самите да одлучат за што ќе ги користат парите, иако од Министерството за труд и социјала и било објаснето дека пакетите ќе содржеле и заштитни средства и ако се префрлуваат пари нема гаранција дека со нив ќе се купи она што е и целта – заштита од Ковид-19.

Од друга страна, советникот на премиерот Фатмир Битиќи вели дека е недопустливо функционер од едно министерство да се меша во работата на друго министерство и да одредува какви програми тие ќе носат.

Врзаните потписи се практика во неколку министерства во кои опозициската партија има свои претставници и кои беа предвидени со договорот од Пржино за да се избегнат изборни манипулации, односно изборен поткуп со пари од Буџетот или од странски кредити, што беше и основното обвинување од тогашната опозиција пред 2016 година.

Димитриеска-Кочоска неколку пати потенцира дека ставила потпис на сите барања за задолжување вклучувајќи го и последното за издавање на евроообврзница за 800 милиони евра, односно за 100 милиони евра повеќе од износот за кој Македонија се задолжи на меѓународниот пазар на капитал и негира дека станува збор за нејзино блокирање.

Необично е што целото ова натегање на релација Димитриеска-Кочоска – Влада трае уште од 28 април кога таа го добила документот за кредитот од Светска банка. Дополнителната заменик-министерка не крие дека имала состаноци и преписка со претставници за министерствата за здравство и за труд и социјала (кои ќе бидат корисници на средствата), како и со претставници на Светска банка. Но, и натаму останува на ставот дека работите со овој заем од Светска банка не се до крај јасни.

Гаранциите од Светска банка за трошењето

„Јас имав неколку разговори со Светска банка. Не станува збор за некоја блокада која Гордана ја има кон Светска банка“, вели таа, додавајќи дека еден ден пред овој кредит да биде доставен до неа, имало друго барање за 50 милиони евра коишто беа наменети за стопанството на што без проблем ставила потпис, бидејќи таму јасно биле наведени критериумите под кои ќе се врши исплатата на тој кредит.

„Во конкретнава ситуација ние зборуваме за проектно финансирање кое е разговарано помеѓу Светска банка и ресорните министерства за труд и социјала, здравство, а било вклучено и Министерството за финансии. Сето тоа се случувало еден месец пред да ми биде доставен документот. Документот беше доставен до мене на 28 април притоа имаше едно ливче од труд и социјала за 54 милиони евра и исто така едно ливче од здравство за 34 милиони евра кои што им се потребни на нив. Тоа беше и причината зошто јас побарав дополнително образложение за што ќе се трошат парите. Светска банка можеби знае, но јас не знам“, истакна Димитриеска-Кочоска нагласувајќи дека кога има проектно финансирање треба да се има јасни пресметки за што се бараат средствата.

Ситуацијата е уникатна и поради тоа што Светска банка јавно реагираше на резервите кои ги има Димитриеска-Кочоска, но и други функционери на ВМРО-ДПМНЕ во дебатни емисии.

„Светска банка има нулта толеранција за измама и корупција и сериозно ја сфаќа обврската да обезбеди средствата да се користат за јасно дефинирани активности и истите да стигаат до наменетите корисници“, нагласија во дописот до медиумите, додавајќи дека упатствата поврзани со набавка на Светска банка ќе се применуваат за набавка на здравствени материјали, опрема и услуги. Паричните трансфери до домаќинствата се регулирани со јасни критериуми за подобност и имаат механизми за надзор и контрола.

„Светска банка ги следи тековните дискусии во медиумите поврзани со проектот за итен одговор на состојбата со Ковид – 19 кој е одобрен неодамна со цел да помогне во намалување на локалната трансмисија на вирусот и да ја зајакне подготвеноста на земјата за идна пандемија. Проектот ќе помогне во напорите да се заштитат граѓаните од пандемија, да се одговори на итните здравствени приоритети и обезбеди социјална помош за најранливите категории на граѓани во земјата“, велат од Светска банка додавајќи дека договорите финансирани од Светска банка имаат клаузули кои овозможуваат да се изврши увид во досиејата на добавувачите и понудувачите во случај на сомнеж за измама и корупција.

„Светската банка исто така ќе го контролира процесот на набавки, синџирот на снабдување и плаќањата“, уверуваат од Светска банка и додаваат дека во сите проекти на банката се спроведуваат проверки за да се помогне во справувањето со доверителските ризици.

Но, очигледно дека ниту ваквите уверувања од институцијата која што го одобрува заемот и која секако е многу заинтересирана парите да се искористат наменски, не се доволен аргумент за Димитриеска-Кочоска.