Србија го враќа полицискиот час, од утре забрана за собирање на повеќе од пет лица


Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави попладнево дека состојбата во Белград е алармантна поради корона вирусот и дека од утре почнува да важи забрана за какво било собирање на повеќе од пет лица во затворено и на отворено, а од петок до понеделник ќе се воведе полициски час.

Обраќајќи се на јавноста, Вучиќ истакна дека денес, од почетокот на епидемијата на коронавирус во земјата, е најтешкиот ден – со 13 починати.

„Во 15 часот, 110 лица беа на респиратор, сега има повеќе од 120 лица. Ситуацијата е алармантна во Белград, сериозна е во четири други градови во Србија, но Белград е во критична состојба“, рече Вучиќ.

Во согласност со тоа, и по разговорот со епидемиологот Предраг Кон, кој, како што вели, се консултирал со епидемиолошки тим – од утре ќе биде забрането секое јавно собирање на повеќе од пет лица во затворено или на отворено.

„Од петок одиме на долг полициски час, до понеделник. И тогаш ќе видиме. Ќе го обезбедиме движењето за лица со домашни миленици, мајки со деца и пензионери“, рече Вучиќ и додаде дека сите известувања ќе следуваат по состанокот на Кризниот штаб, пренесува Танјуг.

Опишувајќи ја тешката состојба со епидемијата на корона, Вучиќ рече дека речиси сите белградски болници се преполни и дека речиси 4.000 пациенти потврдени или сомнителни на ковид се моментално хоспитализирани во Србија.