Србија: Го потпишала прогласот на лекарите, ѝ забраниле да оперира

Ќе си одам од клиниката, не сакам и не смеам да останам на работа, вели д-р Саша Љуштина

Случајот на д-р Саша Љуштина е пример како властите во Србија се однесуваат кон барањата на лекарите струката да ги донесува одлуките за епидемијата, а не политичарите

 

Само два дена откако го потпиша отвореното писмо на лекарите до Владата на Србија, примариус д-р Саша Љуштина, која веќе 20 години работи во ГАК на Клиничкиот центар на Србија, занимавајќи се специфичната урогинеколошка хирургија, се соочи со „дисциплински мерки“.

Прво, таа беше отстранета од оперативната програма, а потоа ѝ беше наредено да ја напушти канцеларијата. Таа доби поддршка од нејзините колеги, но не и од надлежните, иако министерот за здравство Златибор Лончар рече дека никој не смее да ги допре потписителите на петицијата. Поради сè што се случи, таа вели дека ќе си даде оставка, затоа што се плаши да остане и да работи во такво опкружување.

„Прво, секретарката на директорот ми се јави во 7,20 часот наутро за да ми рече дека тој ден ќе одам во друго одделение, што не е практика. Кога ја прашав за салата, таа ми рече дека нема дека во сала нема да влезам. Во 10 часот од директорот преку началникот бев известена дека треба да ја испразнам мојата соба до 14 часот, што е моја канцеларија. Јас требаше денес да оперирам пациент. Операцијата беше одложена и јас ја советував пациентката да најде друг лекар“ – изјави д-р Љуштина за „Данас“.

Таа нема ни најмала дилема за тоа што го поттикна овој развој.

„После сето тоа, ми беше јасно за што станува збор и зошто се случува. Поради потпишаната петиција. Нема друга причина затоа што сум голем работник и заљубеник во мојата работа. Бидејќи започна епидемијата на ковид, доаѓам да работам редовно, без слободен ден. Имам две деца на возраст под 12 години, но не ја искористив придобивката понудена на почетокот на епидемијата да не работам. Не отворив боледување. Мислев дека тоа е моја обврска како доктор, чувствував хуманост и патриотизам“, истакнува соговорничката на „Данас“, додавајќи дека никој не ѝ вршел притисок до петокот.

Таа вели дека добила голема поддршка од колегите и пациентите, но не и од министерот за здравство Златибор Лончар, кој на прес-конференција во четвртокот рече дека никој не смее да ги притиска лекарите кои го потпишаа отвореното писмо, бидејќи ние не живееме во „племенско“ општество.

„Испратив порака на министерот Лончар и го замолив да разговара со мене, тој не ми одговори“, вели Љуштина.

Како што објаснува, таа нема да го тужи директорот за мобинг затоа што сè било направено за да нема никаква писмена трага за сè што се случило претходните денови. Но, ќе си даде оставка затоа што се плаши.

„Не сакам и искрено не смеам да останам овде. И кога ќе ми се укаже првата можност, ќе заминам во странство. Не само јас, туку и многу мои колеги. И тогаш кој ќе ги лекува луѓето во Србија“, прашува Љуштина.

Додека д-р Љуштина прашува кој ќе лекува со луѓето во Србија, премиерката Ана Брнабиќ вели дека петицијата на лекарите, потпишана и од Љуштина, всушност е напад врз претседателот Александар Вучиќ, а не врз Кризниот штаб.

Д-р Љуштина вели дека не е членка или симпатизер на која било партија и дека ја потпишала петицијата за струката а не политичарите да донесуваат одлуки во врска со управувањето со епидемијата.

„Јас не сум политичар. Јас сум доктор. И мојот директор не може да ми забележи за потпишување петиција што исто така нема никаква врска со политиката, но тоа беше барање за струката да носи одлука без влијание на политиката“, вели д-р Саша Љуштина, додавајќи дека голем број колеги размислуваат како неа, но не зборуваат јавно, затоа што се плашат дека ќе поминат како неа. (Данас)