Србија го ограничи работното време на кафеаните, клубовите, продавниците…


Српската влада денеска донесе одлука да го ограничи работното време на угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови, ресторани, како и трговските центри, продавниците, од 21 часот до пет часот наутро, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ.

Од тие мерки се изземени аптеките, доставувањето храна, бензиските станици и претпријатијата кои работат „трета смена“.

Мерките стапуваат во сила од вторник 17 ноември и ќе важат 15 дена, до 1 декември, кога Владата повторно ќе одлучува за мерките.

– Го прифатив советот на стручниот, медицински дел на Кризниот штаб да ги воведеме овие рестриктивни мерки, со цел да го спречиме ширењето на коронавирусот, истакна Брнабиќ.

Таа додаде дека моментно не се размислува за полициски час, што би можело да биде евентуална следна мерка во борбата против Ковид-19.

– Доколку биде потребно, ние ќе ја воведеме таа мерка, но засега не размислуваме за тоа. Знаеме дека тоа е следна мерка, но сите предвидувања укажуваат дека досега воведените мерки ќе покажат резултати и бројот на новозаразените ќе почне да се намалува, објасни српската премиерка по седницата.

Брнабиќ нагласи дека мерките ќе почнат да се применуваат од вторник, со цел да им се остави простор на луѓето да се прилагодат и организираат.