Србија ги зголемува платите во администрацијата до 15 отсто


Фото: Б. Грданоски

Српската влада ја усвои одлуката за зголемување на платите во јавниот сектор во просек од 8 до 15 отсто, изјави премиерката Ана Брнабиќ.

Најголем зголемување на платите ќе добијат медицинските сестри и техничарите, кои ќе добијат зголемување од 15 проценти, а потоа следуваат лекарите со 10 проценти.

Следното најголемо зголемување по медицинарите ќе биде за науката и културата, каде што зголемувањето ќе биде за 10 проценти, најави премиерката.

Девет отсто зголемување добиваат просветарите, судиите, обвинителите, вработените во судовите, вработените во институциите за социјална заштита, како и членовите на безбедносните служби.

Вработените во владата ќе имаат зголемување од осум проценти, а од 1 декември пензионерите ќе добијат еднократна помош од 5.000 динари.

Премиерката, исто така, рече дека се прават напори да се обезбеди и зголемување на пензиите за пет и повеќе отсто, но притоа се гледа да не се загрози фискалната и финансиската стабилност на земјата.