Србија е единствената земја од регионот која не се усогласила со одлуките на ЕУ во однос на човековите права


Србија – Србија повторно е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ од Западен Балкан која не се усогласила со новите одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради сериозни прекршувања на човековите права, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопшти денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, Советот на ЕУ на 7 март усвоил одлука со која се проширува списокот на лица, субјекти и тела на кои важат претходно донесените рестриктивни мерки.

Сите други земји кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан – Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина – се усогласија со новите одлуки на Советот на ЕУ. Тие ќе се погрижат нивните национални политики да се усогласат со оваа одлука, а ЕУ ја прима на знаење оваа обврска и ја поздравува, се наведува во извештајот.

Србија е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ на Западен Балкан која не се усогласила со претходните 15 одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради Украина, кои беа усвоени во јануари и февруари оваа година и во јули, септември и ноември 2022 година.

Србија се нема усогласено и со февруарската одлука за рестриктивни мерки поради ситуацијата во Белорусија и нејзиното учество во руската агресија врз Украина, ниту со одлуките за примена на посебни мерки во борбата против тероризмот од февруари 2023 година и јули 2022 година, февруарските одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради кршење на човековите права и поради ситуацијата во Мали, ниту со одлуките за рестриктивни мерки поради ситуацијата во Иран донесени на почетокот на декември и во јуни 2022 година.