Србија дозволи извоз на брашно во Македонија


Српската влада официјално дозволи извоз на брашно во земјите од регионот, меѓу кои и во Македонија, објави денеска белградскиот весник „Српски Телеграф“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ вчера на прес-конференција најави дека и покрај привремената одлука на властите во Србија за забрана на извоз на основните прехранбени производи поради епидемијата на корона вирусот и воведената вонредна состојба, сепак ќе им се излезе во пресрет на барањата на земјите во регионот, пред се на Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, за извоз на брашно во тие држави.

Како што пишува „Телеграф“, српската влада го дозволила извозот на брашно, што е потврдено и во „Службениот гласник“ на Србија.

„Од Одлуката за забрана е избришана ставката ‘брашно од пченица’, која се наоѓаше меѓу останатите 36 други ставки, наведува „Српски телеграф“.

Претходно и македонскиот министер за земјоделство Трајан Димковски изјави дека очекува Србија деновиве да ја тргне забраната за извоз на брашно во земјава под притисок на тамошните компании кои традиционално се присутни на македонскиот пазар.

„Од Србија може да се увезува пченица, нема забрана. Во меѓувреме очекуваме и деблокирање на забраната за брашно. Не треба да не загрижува ситуацијата. Не е побарано директно од нашите власти дозвола за извоз на брашно од Србија. Клучно е дека, според пораките на сите влади во ЕУ, економијата мора да продолжи да функционира, вклучувајќи го и снабдувањето на пазарите со храна, а ние сме традиционален увозник на брашно од Србија. Притисок за извоз прават и српските фирми кои се традиционално присутни кај нас. Верувам дека ќе извршат притисок за тргање на забраната и дека тоа ќе го направат во наредните денови, истакна Димковски, одговорајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Владата на која соопшти дека земјоделските активности редовно течат и покрај вонредната состојба поради корона вирусот.

Тој исто така нагласи дека има доволно пченица во стоковите резерви и во млиновите.

„Границите за проток на стоки и трговија не се затворени. Нема потреба од паника, пазарот се снабдува во континуитет, рече Димковски.

Димковски информира и дека се прават максимални напори за продолжување на ИПАРД 2-мерката за инвестиции во земјоделски стопанства која регуларно истекува за 15 дена. Во овој сегмент Министерството е во постојана комуникација со претставници од Брисел.