Србија: Бугарската блокада на проширувањето на ЕУ ќе влијае на дијалогот Белград-Приштина

Бугарската блокада со усвојувањето на заклучоците на министрите за проширување на земјите на Западен Балкан ќе влијае на евроинтеграциите и на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ, во писмена изјава за Танјуг, оцени дека „по блокадата на заклучоците за проширување, треба што е можно побрзо да се обликува примената на новата методологија на пристапот и процесот на Србија, со која се доцни, бидејќи земјите-членки и ЕК очевидно не можат да се договорат за преговорачката рамка за Северна Македонија и Албанија“.

Таа посочи дека за Србија беше важен сигналот до крајот на годината да се одржи посебна политичка Меѓувладина конференција, што е задолжително според принципите на новата методологија по објавувањето на Заклучоците за проширување.

Сузана Грубјешиќ од Центарот за надворешна политика оцени дека се покажало лошо тоа што билатералните спорови влегле во политиката на проширување на ЕУ, па сега една земја членка (Бугарија) може да блокира земја кандидат да започне процес на преговори (Северна Македонија), но со тоа да ги блокира и сите други.

„Излезе дека сите ние сме заложници на Бугарија, која ја блокираше Северна Македонија и дека за проширувањето нема да се разговара“, додаде таа. Ова не е преседан, ова го имаше и претходно, но откако билатералните спорови го презедоа процесот на проширување вакви ситуации ќе има и во иднина.

Грубјешиќ праша зошто е блокирана Северна Македонија, која направи сѐ за да започне преговори. Како што наведе таа, многу години се зборува дека процесот на донесување одлуки мора да се промени, дека понекогаш консензусот е невозможна мисија и дека треба да се премине на квалификувано двотретинско мнозинство за донесување одлуки.

„Кога ќе видите дека Германија, најмоќната земја на ЕУ, нема можност да реши некои клучни прашања во ЕУ за време на претседателство, сето тоа говори дека во наредниот период многу поголемо внимание ќе се посвети на внатрешната организација и реформите, отколку на Западен Балкан и на Србија“, оцени Грубјешиќ.

Очигледно, оцени таа, Србија ја завршува годината без отворени поглавја, односно се намалуваат шансите за закажување на меѓувладина конференција.

„Оваа одлука за блокада ќе има влијание и врз дијалогот меѓу Белград и Приштина, бидејќи што ако не им дадете поттик ниту на Белград ниту на Приштина? Како тие самите ќе имаат поттик да одат побрзо кон конечно политичко решение“, истакна Грубјешиќ.

Од друга страна, познатата европска перспектива, таа фраза која веќе е испразнета од содржина, не придонесува за ништо, оцени таа.