Србија бара од КФОР да распореди војска на северот на Косово
Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Вучиќ изјави дека „нема илузии“ дека КФОР ќе го прифати барањето на Србија и дека ќе најде „безброј причини“ да го одбие.
„Ќе бараме нови правни потези кои ќе ја водат Србија во иднина. Нашата формална правна борба допрва доаѓа“, рече Вучиќ.
Вучиќ своето обраќање го почна со слики во рацете од вооружени полицајци во северниот дел на Косово каде што мнозинството од населението е со српска националност. Тој ги обвини косовските власти дека не ги почитуваат договорите постигнати со посредство на меѓународната заедница. Српските служби го истражиле случајот со апсењето на Дејан Пантиќ, и за тоа Вучиќ ги известил претставниците на меѓународната заедница, обвинувајќи ги косовските власти за непромислена акција со која, како што вели, го загрозиле мирот.
„Вечерва нашиот народ е на барикадите затоа што нема друга опција. Народот сам го направи затоа што не може повеќе да ја поднесе суровоста. Со денови слушаме дека Србија ќе нападне некого, а тие се единствените тие што ги напаѓаат и малтретираат Србите. Мислам дека ова не им се допаѓа на Американците, но мислам дека ова некому му одговара. Мислам дека Курти не е доволно паметен да смисли како да ги напаѓа сите Срби секој ден. Има некој друг со него. Нема и нема да има предавање. Тоа е моја одлука и не се грижам за цената, бидејќи знам што значи тоа за сите“, додаде тој.
Од друга страна, пак косовските власти ја обвинија Србија дека наредила поставување барикади на северот.Министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља претходно изјави дека поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ е уапсен денеска на административниот премин Јариње под сомнение дека, како што наведе, „организирал терористички напад во просториите на Централната изборна комисија на северот на Косово “.
На 6 декември беа демолирани просториите на Централната изборна комисија во Северна Митровица и Зубин Поток. Тогаш членовите на општинските изборни комисии придружувани од полицијата се обидоа да започнат со организирање на изборите за градоначалник. Во тој инцидент е употребено огнено оружје и експлозивни направи, а Свечља потоа на прес-конференција изјави дека има информации дека во нападот учествувале некои од поранешните полицајци.
Вучиќ во денешното обраќање до јавноста ги негираше обвинувањата против Пантиќ.
„Тоа беше денот кога тие (претставниците на институциите на Косово) се обидоа да ја окупираат зградата на општинската изборна комисија. С Дејан Пантиќ, човек кој живее во таа зграда каде што е седиштето на општинската изборна комисија, носел намирници до дома. Според нив тој направил страшно злосторство , носел вино со српска налепница “, рече Вучиќ покажувајќи слики од приведувањето што беа објавени во медиумите.
Пантиќ е поранешен припадник на косовската полиција кој ја напушти на 5 ноември, заедно со други претставници на Србите кои потоа започнаа со бојкот на косовските институции.
Во меѓувреме граничните премини на северот на Косово, Јариње и Брњак, се привремено затворени, а поводот за тоа е полициска проценка и мерка за претпазливост по блокадите кои ги поставија српските жители на неколки села. Полицијата соопшти дека мерките за претпазливост се преземени по блокадите на територијата на општините Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, каде што е нарушена слободата на движење. Граничната полиција ги повика граѓаните кои сакаат да влезат во Косово да ги користат другите гранични премини. Во повикот кон нив се бара и соработка како и „ да не наседнуваат на повиците за провокации од криминалнни групи“.
Претседателот на Организацијата на ветераните на ОВК, Фатон Кљинаку истовремено изјави дека на евентуално враќање на српските безбедносни сили на Косово ќе биде одговорено со војна.