Срамота е владата да нема нов авион, а не е – граѓаните да немаат јавен превоз!

Зошто е брука владата на земја членка на НАТО да нема нов авион за патувања во странство ако болните од рак немаат лекови за да преживеат


 

Во ВМРО-ДПМНЕ уште не можат да разберат дека она што функционираше додека беа опозиција, не дава ист резултат сега – кога се на власт. Па, така, пораката дека било „брука“ што СДСМ не ги поддржува да купат нов авион за да одат на инаугурации и слични екскурзии во странство, ставена во контекст на македонската реалност не само што не ја погодува целта, туку покажува колку само за седум месеци на власт изгубија контакт со реалноста.

Иако во принцип се во право, прашањето што може да си го постави секој граѓанин на државата е: Како е брука владата на земја членка на НАТО да нема нов авион за патувања во странство, а не е брука што граѓаните на земја членка на НАТО немаат јавен превоз за да стигнат на работа? Нели е нормално, ако нема пари за автобуси за градски сообраќај, да немаш ни за авион, или уште поконкретно – зошто потребите на владата би биле пред потребите на граѓаните во земја членка на алијансата? 

Ако одиме уште подалеку, зошто е брука владата на земја членка на НАТО да нема нов авион за патувања во странство ако болните од рак немаат лекови за рак за да преживеат? Како е ненормално Владата да нема нов авион, а не е ненормално новороденчиња да умираат во земјата од премрзнатост? 

Според реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, тесноградоста на СДСМ и заслепеноста на Филипче покажуваат „дека не гледаат подалеку од партиското слепило на ‘Бихаќка’“. Прашањето е – зошто воопшто ги интересира мислењето на „Бихаќка“ (па им бараат и дозвола да купат авион), ако знаат дека тоа што го прават е исправно, дека нема да има негативен одек во јавноста, дека не е луксузирање, дека е приоритет и дека воопшто заслужуваат подобри услови за работа од тие што ги овозможува буџетот на државата и што им ги обезбедуваат на граѓаните?

Според оваа логика, утре ВМРО-ДПМНЕ ќе го оправда и спиењето на премиерот Христијан Мицкоски во најскапите хотели во странство – бидејќи тоа му доликува како премиер на земја членка на Алијансата. Тоа што сме во НАТО, а немаме сѐ уште соодветно опремена армија кај нас е споредна работа.   

СДСМ престојот на Мицкоски со делегацијата во Вашингтон, без покана што би го оправдала, го нарече луксузирање, а присуството на министерот за здравство таму додека Клиниката за онкологија нема биолошка терапија за рак  ја нарече – хуманитарна катастрофа. И место да дадат информации колку биле, што и колку платиле и кој ги поканил, како и објаснување како ќе го решат проблемот со критично болните, па и кој ќе го реши ако министерот за здравство шета по странство, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија со навреди и ефтина пропаганда, дека поради „злоба“ опозицијата не може да види колку се борат за Македонија –  за повисок стандард, за поквалитетно образование, поконкурентна економија, како и против корупцијата и криминалот, за подобрувањето на инфраструктурата,па и за подобрувањето на здравството – од  Вашингтон!

Инаку, она што му пресуди најмногу на Артан Груби не беше криминалот во „Лотарија“ туку  грешниот пи-ар со играњето кошарка во канцеларија и обидот за потценување на јавноста. Во таа смисла тие што чекаат по пет часови автобус во Скопје за да си одат дома од работа тешко дека ќе се расплачат над тешките услови за патување на функционерите во Владата, за кои сериозна држава е само таа – што на нив ќе им обезбеди и плата и нов авион според статусот на тие што навистина водат сериозни држави. (С.Ј.)