Спроведена најголемата продажба на акции во историјата


Ант Груп, зад која стои сопственикот на Алибаба, Џек Ма, ја реализираше најголемата иницијална понуда на акции на берза во историјата.

Ова е голема победа за кинескиот технолошки гигант, но и за државната берза, оценуваат аналитичарите.

Ant Group, порано позната како Ant Financial and Alipay, е компанија на кинеската групација Alibaba. Ант Груп е највисоко проценета ФинТех компанија во светот и највредна компанија – „еднорог“, со целна проценка од 280 милијарди УСД, според информациите на Википедија.

Технолошката фирма што стои зад најголемата платформа за плаќање преку Интернет во Кина, постави двојна котација на берзите во Хонг Конг и Шангај од 80 хонгконшки долари (10,32 американски долари) и 68 јуани (10,13 американски долари) по акција, според регулаторните извештаи објавени во понеделник.

Тоа значи дека со иницијалната јавна понуда ќе собере над 34,1 милијарди долари, со што вредноста на компанијата се проценува на околу 310 милијарди долари.

Претходниот рекорд во почетната продажба на акции (ИПО) го имаше саудиската државна нафтена компанија Арамко, која собра 29,4 милијарди долари со издавање акции на берзата во Ријад минатиот декември, пренесува БизнисИнфо.ба.

Издавањето на акциите е благодет за Пекинг, што ги охрабрува водечките технолошки компании во земјата да котираат на домашните берзи, наместо во Соединетите држави, каде што контролата на кинеските компании се зголемува, додека татне долготрајната трговска војна.