„Спротивноста на нештата“ на Словенско младинско гледалишче онлајн на 45. МОТ

Претставата „Спротивноста на нештата“ на Словенско младинско гледалишче, а во режија на Борис Никитин, вечер во 21 часот онлајн ќе биде изведена во рамки на 45. Млад отворен театар – МОТ.

Како што соопшти Младинскиот културен центар,  органозатор на МОТ, Словенско младинско гледалишче е најредовниот гостин на МОТ, од самите почетоци на фестивалот и омилениот театарски ансамбл на нашата публика.

-Во своите дела, Никитин ги истражува границите помеѓу реалноста и фикцијата, документот и неговиот фалсификат и претпочита да ги разнесува овие категории. Вака создадениот театар е суров, груб, фронтален и директен. Прекумерното реагирање, пародијата, провокацијата и субверзивното играње со границите помеѓу реалното и лажното станаа фино подесени реквизити за популизам во натпревар за политичко внимание, се вели во соопштението.

Билетите се строго ограничени и достапни само преку bileti.mkc.mk. Oнлајн претставите се бесплатни (со задолжително „подигнување“ на билети), а билетите за претставите кои се играат во живо (во МКЦ и Универзална сала) изнесуваат 300 денари.