Спречувањето на фемицидот е можно, секое убиство сигнализира системски пропуст
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/femicid1.jpg)
Северна Македонија направи значајни чекори во справувањето со фемицидот, станувајќи прва земја од Западниот Балкан која инкриминираше убивање на жени во контекст на родово-базирано насилство. Меѓутоа, и покрај примерите на добра пракса, спроведувањето на оваа правна рамка останува неконзистентно, а во некои случаи и недоволно.
Потребата за поинтегриран пристап во одделни сектори е од суштинско значење за да се обезбеди жртвите на родово-базирано насилство да бидат адекватно заштитени и случаите на фемицид да се гонат ефективно. Ова прашање беше во фокусот на вчерашната тркалезна маса „Фемицид во Северна Македонија — Ефективност на правосудниот одговор“, организирана од AIRE центарот и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со поддршка на Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Настанот собра повеќе од 30 учесници од судски и законодавни институции, меѓународни
организации, граѓански организации и академски институции, заедно со водечки експерти во областа на човековите права и родовата рамноправност. Во фокусот на дискусијата беше оценувањето на правните и институционалните одговори на фемицидот и истражувањето на можностите за нивно подобрување.
Во неговата воведна изјава, Ален Деребан, заменик министер за правда, истакна дека иако Северна Македонија направи значајни чекори со инкриминирање на фемицидот, вистинскиот предизвик се наоѓа во спроведувањето на овие законски одредби.
„Законите немаат вредност без спроведување, без ефикасна судска практика која ќе обезбеди
правична и брза казна за сторителите. Потребно е да имаме обучени судии и обвинители кои ќе
знаат како да постапуваат во овие случаи, кои ќе ги разберат длабоките патријархални корени на фемицидот и ќе се заложат за тоа правдата биде брза, но и исправно постигната.“, рече Деребан.
Деребан натаму нагласи дека фемицидот е кривично дело кое не ја засега само жртвата, туку и
самиот темел на општеството. „Затоа апелирам до сите: само заедно можеме да изградиме
општество во кое нема место за неказнивост на насилниците. Ако сакаме да го постигнеме ова,
мораме да го зајакнеме и заштитиме судскиот систем. Точното и навремено процесуирање на сите случаи на фемицид ќе ја обезбеди довербата во правдата. Исто така, само преку целосна заштита на жртвите и проактивни мерки за превенција можеме да започнеме да го намалуваме бројот на случаи на фемицид.“
Сабина Ѓапо, програмска менаџерка на AIRE центарот за Западниот Балкан, ја истакна важноста на континуираниот дијалог и соработка за делотворно справување со фемицидот. Таа истакна дека овој настан означува продолжение на напорите на AIRE центарот за поттикнување на меѓусекторската соработка во регионот.
„Оваа тркалезна маса собра заедно повеќе чинители – од државните институции и правосудството до граѓанските организации и академските институции – за да се развие поинтегриран и поделотворен пристап во однос на фемицидот. Нашата дискусија беше отворена и конструктивна, но сега, во Северна Македонија, ние се фокусираме врз следниот значаен чекор: спроведувањето.
Северна Македонија направи значајни законодавни чекори во справувањето со родово-базираното насилство и фемицидот, што претставува пример од кој може да се учи“, рече Ѓапо.
Настанот воглавно се фокусираше врз улогата на судството во справувањето со фемицидот и родово-базираното насилство. AIRE центарот има суштински важна улога во унапредување на регионалната соработка меѓу судиите преку Мрежата на судии и судијки кои се посветени на унапредување на родовата рамноправност. Оваа уникатна иницијатива, која е единствена во Европа, собира заедно повеќе од 60 судии од регионот за да го зајакне судското разбирање на родово-базираните кривични дела и судскиот одговор на таквите дела.
Габриела Гајдова, судијка во Апелациониот суд Скопје и членка на оваа мрежа, сподели
согледување за улогата што судиите и судијките ја имаат во обезбедување на делотворно
постапување и пресудување во случаите на фемицид, потпирајќи се врз препораките од
неодамнешното истражување на AIRE центарот „Фемицид во Република Северна Македонија:
Состојба, правна рамка и судска пракса“.
„Истражувањето покажува дека е потребен посериозен пристап кон овој феномен од страна на
судовите при оценката на доказите и утврдувањето на фактичката состојба, но и при изрекувањето на казните, затоа што неадекватното казнување доведува до недоверба, непријавување на насилството, повторување на истото и овозможување тоа да кулминира.“, рече судијката Гајдова.
Оваа дискусија доаѓа во круцијално време, со оглед на тоа што судските одлуки имаат моќ да
воспостават значајни преседани во борбата против фемицидот.
„Светла точка во нашето правосудство е пресудата на Основниот суд Кочани, донесена врз основа на признание на вина, со која обвинетиот за фемицид е осуден на казната доживотен затвор и ова е позитивен пример како треба правосудните органи да постапуваат при проценка на фактите и да утврдат дека станува збор за фемицид, а не обично убиство и како без родови предрасуди треба да се оценат олеснувачките и отежнувачките околности при одмерување на видот и висината на кривичната санкција“, додаде Гајдова.
Спасенка Андонова, обвинителка од Основното јавно обвинителство Скопје, ја нагласи клучната
улога на обвинителите за истражувањето и кривичното гонење на случаите на фемицид, како и за спречувањето на такви кривични дела преку рано интервенирање и системски подобрувања.
„Обвинителите често се првата линија на одбрана за жртвите и нивните дејствија го обликуваат
начинот на постапување во случаите на фемицид. Координираниот, меѓуинституционален пристап е од суштинско значење за обезбедување на делотворна соработка меѓу судството, органите кои се надлежни за истрага и кривично гонење, социјалните служби и граѓанското општество. Обвинителите мора да бидат опремени со потребната обука и ресурси за сеопфатно истражување на случаите на фемицид, така што да се обезбеди навремена и правична правда за жртвите, а во исто време сторителите во целост да одговараат за нивните дела. Во исто време, проактивните мерки – како што се препознавање на раните предупредувачки знаци, подобрување на заштитните мерки и обезбедување на брза интервенција – се од суштинско значење за спречување на фемицидите пред тие да се случат“, рече обвинителката Андонова.
За да се разреши недостигот од систематско следење и постоење на податоци за фемицидот,
истражувањето на AIRE центарот ја нагласи важноста на набљудување на фемицидите (femicide
watch) во текот на набљудување на случаите, анализирање на трендовите и обезбедување на клучни податоци за превенција. Како клучен чекор за воведување на овој меѓународно признат механизам на национално ниво, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство најави започнување на набљудување на фемицидите (Femicide Watch) идниот месец во Северна Македонија.
„Воспоставувањето на Femicide Watch е моќен чекор нанапред, што нè оснажува нас, како граѓански организации посветени на ова значајно прашање. Тоа, исто така, на релевантните институции ќе им пружи алатки за идентификување и пополнување на празнините во системот на превенција и борба против насилството врз жени и семејното насилство. Со заедничка работа и развој на делотворни решенија, ние можеме да ги надминеме овие предизвици и да се приближиме до нашата конечна цел: остварување на нулта толеранција кон насилството врз жени и обезбедување нулта фемициди во иднина“, објасни Елена Димушевска, извршна директорка на оваа мрежа.
Андрју Бренд [Andrew Brand], раководител на програми на Британската амбасада во Скопје, ја
реафирмираше посветеноста на Владата на Обединетото Кралство за поддржување на напорите за справување со родово-базираното насилство.
„Иако Северна Македонија е првата земја на Балканот која го инкриминираше фемицидот, јавните дискусии за фемицидот мора да продолжат да се одвиваат, за да се истакнат правните,
општествените и културните проблеми кои сè уште треба да се разрешат. Овие дискусии помагаат за јакнење на законите, подобрување на системите за поддршка и подигање на јавната свест за потребата за колективно дејствување заради решавање на ова прашање. Задоволни сме што Велика Британија соработува со AIRE центарот за поттикнување на дискусија на оваа тема меѓу креаторите и доносителите на одлуки, претставниците на правосудниот сектор и граѓанското општество во Скопје, денес”, рече Бренд.