Спречен е нов обид за атентат врз црногорската новинарка Оливера Лакиќ


Црногорските обвинители во петокот објавија дека е спречен нов обид за атентат врз црногорската истражувачка новинарка Оливера Лакиќ, врз која имаше обид за атентат во пролетта 2018 година, јави Хина.

Специјалниот обвинител Саша Чаѓеновиќ соопшти дека двајца осомничени за планирање на убиството се уапсени во четвртокот, а другите членови на криминалната организација од претходно се во затвор. За атентатот им биле понудени 150.000 евра, соопштија обвинителите, пренесе Дневник.

Истата група е осомничена за обид за убиство во 2018 година кога Лакиќ беше ранета во ногата.

„Мотивот е да се спречи новинарката Оливера Лакиќ да истражува криминални организации на територијата на Црна Гора и нивните врски со криминални групи од регионот“, рече Чаѓеновиќ.

Новинарските здруженија претходно побараа од црногорските власти да ја заштитат Оливера Лакиќ.

До неодамна новинарка на дневниот весник „Вијести“, таа најпрво беше нападната со удари во главата во март 2012 година пред влезот на зградата каде што живееше во Подгорица, а во мај 2018 година беше ранета од огнено оружје на истото место.

Пред тоа, таа добивала закани поради низата написи за нелегално производство и криумчарење цигари во фабриката „Тара“ во Мојковац и магацин во предградијата на Подгорица и поврзаноста на овие активности со црногорската полиција и безбедносните служби.

Минатата година Стејт департментот ѝ ја додели на Оливера Лакиќ Меѓународната награда за рабри жени, која ѝ ја врачи сопругата на американскиот претседател Маланија Трамп.