„Спотифај“ отпушта 17 отсто од својата работна сила


Стокхолм – Шведската компанија за аудио стриминг  „Спотифај“ (Spotify) денеска соопшти дека ќе отпушти 17 отсто од својата работна сила ширум светот за да ги намали трошоците и да се фокусира на враќање на профитот.

Извршниот директор на компанијата, Даниел Ек, денеска во порака до вработените на блогот на компанијата рече дека работните места се намалуваат како дел од „стратешката преориентација“ на компанијата.

Во соопштението не е прецизирано колку работници ќе останат без работа, но портпаролот на компанијата потврди дека станува збор за 1.500 луѓе. „Спотифај“ користеше евтино финансирање за да го прошири својот бизнис и „значително инвестираше“ во вработените, содржината и маркетингот во 2020 и 2021 година, но сега има проблеми поради тоа што банките ги зголемуваат каматните стапки, наведува Ек во објава на блогот на компанијата.

Стокхолмската компанија забележа нето загуба од 462 милиони евра во првите девет месеци од годинава.