Спортски комплекси на земјоделско земјиште под закуп


Земјоделците ќе можат да земат земјоделско земјиште под закуп од државата и на него да подигнат спортско-рекреативни комплекси, угостителски објекти, ресторани и други капацитети. Оваа можност ја најави министерот за земјоделство Љупчо Николовски, објаснувајќи ги клучните измени во Законот за земјоделско земјиште, кои беа усвоени на последната седница на Владата и пратени во Собрание.

„Клучно е тоа што на земјоделско земјиште се овозможува да се градат објекти за промоција на земјоделски производи, односно угостителски објекти, ресторани и други капацитети и изградба на капацитети за спортско-рекреативни активности. Ова е во корелација со измените на Законот за вино, каде што има многу полабави критериуми за физички лица производители на вино или во малите и средните бутик-винарии. Убеден сум дека ќе имаме хиперпродукција на мали и средни винарии, затоа што веќе не мора да имате вработен енолог туку може по договор“, изјави Николовски, поврзувајќи ги овие градби со развивање на руралниот вински и севкупен туризам.

Измените на законот се дизајнирани да придонесат за зголемување на инвестициите во ваков тип објекти од страна на земјоделските стопанства, со што ќе се зголеми искористеноста на европските пари за земјоделството, затоа што за овие инвестиции земјоделците ќе може да аплицираат во ИПАРД- програмата.

Во предлог-измените на законот, објавени на електронскиот регистар на прописи ЕНЕР, објектите за спортско-рекреативни активности се дефинирани како „градби наменети за одржување на спортско-рекреативни манифестации, за сместување и одржување на превозни средства и приклучна опрема, натстрешници, за администрација поврзана со реализацијата на спортско- рекреативни активности, за сместување, исхрана, едукација и рекреација за потребите на лицата ангажирани во реализација на спортско-рекреативните активности и на учесниците во спортско-рекреативните активности.“

Министерот објасни дека измените на законот, направени врз основа на сериозни анализи, треба да овозможат поголемо вклучување на млади лица во земјоделството. Затоа, младите лица до 40 години ќе бидат ослободени од плаќање закупнина 3 години откако ќе добијат државно земјоделско земјиште. Се решава и проблемот што го имаа пчеларите со недостатокот на површини за поставување на пчелни семејства, кои ќе може да закупат државно земјоделско земјиште за таа намена. И земјоделците што веќе користат хектар или два државно земјиште ќе може да аплицираат за дополнителни парцели, сè до обезбедување на површина од 10 хектари, со што се создаваат услови за окрупнување на површините и за зголемување на производството.

Се продолжува и рокот за легализација на бесправно подигнати оранжерии, помошни објекти и објекти за примарна обработка на производи, заклучно до 31 јули 2020, со што, како што најави министерот, се создаваат услови земјоделците за нив да користат ИПАРД-средства. Земјоделците ќе добијат можност за промена на бизнис-планот и на културата што ја садат.

Со измените на законот, министерот Николовски најави дека ќе се решат проблемите со договори кои биле раскинати во претходниот период, ќе се регулира пребивањето со платежната агенција, а ќе се решат и проблеми на земјоделци кои порано добиле земјоделско земјиште, но не биле воведени во владеење и затоа не можеле да земаат субвенции.

Понуда од 100 милијарди евра за закуп на земјиште

Оние што сакаат да земат под закуп земјоделско земјиште веќе нема да можат да се расфрлаат со суми во текот на наддавањето. Досега, во наддавањата за закуп на над 3 хектари земјиште, биле кажувани и суми од сто милијарди евра, рече министерот Николовски, но на крајот за тие атрактивни локации не се склучувале договори.

„Сега ставаме ограничување, да не може никој да си дозволи да наддава како што сака, а да нема обврска. Ги обврзуваме, тој што ќе понуди каква било сума, а не склучи договор, за да не стои земјиштето со години празно, ќе мора на државата да ѝ плати надомест за штета во износ од едногодишна закупнина што ја понудил. На овој начин ќе ги отстраниме несериозните апликанти“, објасни Николовски, најавувајќи дека ќе следуваат огласи за закуп на 15.000 хектари државно земјоделско земјиште.

Била додадена и уште една можност, доколку прворангираниот на наддавањето не склучи договор, да може договор да се склучи со второрангираниот.

Анита Салтировска