Спортистите анонимно им помагаат на Турција и на Сирија по земјотресот
Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) и Детската фондација на УЕФА донираа 200.000 евра за помош на настраданите од земјотресот во Турција и Сирија. Ова е само почетна донација, бидејќи УЕФА планира да собере хуманитарна помош во текот на последната недела од Лигата на шампионите во јуни кога ќе се игра финалето на стадионот Ататурк во Истанбул.
Помош и донација од еден милион долари најави и Олимпиското движење. Тие најавија итно формирање на фонд за помош на погодените од земјотресите во Турција и Сирија. Во тој фонд би учествувале Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Олимпискиот совет на Азија (ОКА) и Европскиот олимписки комитет (ЕОК) со по 250.000 долари, а Фондацијата за олимписки бегалци (ОРФ) со 260.000 долари. Во Турција помошта ќе се дистрибуира преку Олимписката фондација за бегалци, а во Сирија преку меѓународни организации и агенции.
Многу спортисти не сакаат да се знае кога учествуваат во хуманитарни акции. Сепак, некои вести за овие акции успеваат да ја видат светлината на денот. Вака се дозна дека фондацијата Лео Меси на барање на фудбалерот Лионел Меси донирала помош за Турција и Сирија во износ од три ипол милиони евра.
Кошаркарот Шејн Ларкин кој игра за Анадолу Ефес Истанбул ја создаде фондацијата Шејн Ларкин и бара од сите луѓе со добра волја да и се придружат. Тој на својот Инстаграм профил посебно му се заблагодари на поранешниот кошаркар на Партизан Јан Весел за донацијата од 25.000 евра.
Турскиот фудбалер Мерих Демирал објави аукција на која ќе продава потпишани дресови на познати фудбалери и ќе ги донира парите за настраданите од земјотресот во Турција. Тој најави продажба на потпишаните дресови на Кристијано Роналдо, Леонардо Бонучи и Пауло Дибала со кои беше соиграч во Јувентус.
Кошаркарите Мелих Махмутоглу и Фуркан Коркмаз побараа од Јан Весели од Барселона, како и од НБА играчите Богдан Богдановиќ, Џоел Ембидом и Џејмс Харден да донираат потпишани дресови за аукцијата, што сите го направија.
Фудбалерот на Црвена звезда, Александар Пешиќ, кој настапуваше во Турција, беше меѓу првите кој испрати финансиска помош.