Спорот со Ливерпул не е решен, смета Валверде


Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде смета дека неговиот тим не е сигурен финалист во Лигата на шампионите. Во средата, „блаугранас“ го победи Ливерпул со 3:0 во првиот натпревар и има солидна предност пред реваншот во Англија во вторник.

– Имаме добро водство, но спорот не е решен. Видовме на што е способен ривалот, изјави тренерот на неговата прес-конференција пред дуелот во Ла Лига.

Каталонците утре одат на посета кај Селта, но натпреварот не е важен, бидејќи веќе ја освоија титулата. Валверде сепак бара играчите да мислат само за претстојниот натпревар и дури потоа да го насочат вниманието кон средбата на „Енфилд“.

Тренерот објави дека ќе направи промени во екипата. Во исто време Јурген Клоп ја нема оваа привилегија, бидејќи неговиот тим продолжува да се бори за златните медали во Премиер лигата.

– Не верувам дека имаме предност поради тоа. А и сепак Ливерпул имаше еден ден одмор повеќе од нас пред првиот судир. Но сепак ние треба да сме во форма и за финалето на Купот на Шпанија, објасни Валверде.

Иако Каталоните имаат големи шанси да „требл“, има луѓе кои не ги ценат нивните успеси.

– Не ни е важно што мислат. Важно е дека и самите го цениме она што го постигнавме, додаде тренерот.