Спорот со Бугарија мора да се реши билатерално, вели американската амбасадорка
Кејт Брнз, амбасадорката на САД, го повтори уште еднаш ставот на Вашингтон дека се разочарани што Бугарија го блокираше почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија и нагласи дека до решение мора да се дојде преку билатерален дијалог. Во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 таа изјави дека „процесот кон ЕУ и сите билатерални прашања треба да се решат надвор од пристапните преговори. Ние го гледаме како позитивен знак тоа што Севрна Македонија и Бугарија продолжуваат да расправаат за билатералните прашања, да се стават надвор од процесот, со цел напредок во тој поглед“
Таа рече дека „ние и понатаму ќе се залагаме и ќе даваме поддршка тие прашања да останат настрана од процесот на пристапни преговори, бидејќи тоа ќе овозможи напредок“. Брнз нагласи дека има доверба во владата дека ќе успее да дојде до договор со Бугарија. „Северна Македонија има докази дека се справувала со спорни прашања со соседите и ги разрешувала конструктивно, па и понатаму ќе се залагаме, ќе се бориме и ќе ја поддржуваме Северна Македонија да ги започне преговорите и билатералните прашања да останат надвор од преговорите“.
Во контекст на ова таа нагласи дека треба да се гледаат ефектите на Преспанскиот договор и компромисот што беше направен. „Преспанскиот договор беше компромис. Тоа беше тежок компромис, Знам дека е тешко да се прифати тука и не сакам тоа на ниту еден начин да се омаловажи. Но, ние сметаме дека е важно да се фокусираме на резултатот што се постигна со договорот, пред се реешнието на спорот со името на државата што ги отвори вратите на Северна Македонија за влез во НАТО и сега се трасира патот за влез во ЕУ. Исто така е важно да се напомоне, а не се обрнува внимание на зголемената соработка меѓу двете држави, во енергетиката, трговијата, економскиот развој, што има долгорочна полза“.
Според неа европската перспектива на Македонија е јасна. „Најважно е што народот тука верува во европска иднина. Важно е да се сфати дека, иако неодамнешните настани беа фрустрирачки, разбирливо е што луѓето се лути поради тоа, но тоа е важна цел, не треба да се откажувате. Можеби ова е маратон, но може да се постигне и верувам дека тоа ќе се случи. Во врска со НАТО не можам јас да кажам дали граѓаните се задоволни со тоа, но откако сте во НАТО вашата држава има резултати. НАТО помогна да се модернизира војската, да се подобри сајбер безбедноста, набави и респиратори за помош во битката против Ковид 19, а НАТО обезбедува колективна безбедност и најважното денес имате место на масата каде што се носат одлуки, а тоа е најмоќната организација“, рече Кејт Брнз.