Спорните серии масни коцки не се пуштени во промет, појаснуваат од „Подравка“ и од АХВ


„Подравка“ дооел – Петровец реагираше на информацијата дека се повлекуваат небезбедни коцки за супа од македонскиот пазар, при што вели дека е неточна секоја информација која упатува на присутност на производите: говедска коцка со серија 0507241, со рок на употреба до 05.07.2025 година и пилешка коцка со серија 0307241, со рок до 03.07.2025 година на полиците во продажните места на македонскиот пазар. Од АХВ исто така велат дека потенцијално небезбедните коцки за супа не се пуштени во промет, како и дека е спроведен вонреден инспекциски надзор.

„Во согласност со својата праксa за општествено одговорно работење и односи со
потрошувачите, компанијата ‘Подравка’, a по извршениот инспекциски надзор од страна
на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), ги известува своите потрошувачи дека
производите: говедска коцка со серија 0507241, со рок на употреба до 05.07.2025 година
и пилешка коцка со серија 0307241, со рок до 03.07.2025 година, се наоѓаат во
магацините на ‘Подравка Македонија’ и воопшто не се дистрибуирани во
малопродажната мрежа“, соопштија од компанијата.

Од таму посочуваат дека по добиените официјални информации за потенцијална контаминација поради механичко оштетување на машината за производство на масни коцки кај
производителот во Република Хрватска, во магацинот на „Подравка Македонија“ беа
блокирани и двата вида на масни коцки, со упатство за суспендирање на било каква
дистрибуција во малопродажната мрежа.

„Потрошувачите треба да бидат спокојни бидејќи Подравка, како општествено одговорна
компанија, им гарантира дека спорните серии масни коцки воопшто не биле пуштени во
промет“, се вели во соопштението до медиумите.

И од Aгенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска соопштија дека потенцијално небезбедните говедски коцки за супа на производителот „Подравка“, не се пуштени во промет, целокупното количество складирано во магацинот на увозникот.

Во врска со објавите дека на пазарот се продаваат небезбедни производи (коцки за супа), Aгенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека производите – говедска коцка за супа на производителот „Подравка“, серија 0507241, со рок на употреба до 05.07.2025 година и пилешка коцка за супа серија 0307241, со рок до 03.07.2025 година, по спроведениот вонреден инспекциски надзор во магацин на компанијата увозник, утврдено е дека целокупното увезено количество од производите со посочените серии и рокови на употреба не е пуштено во промет, односно, потенцијално небезбедните производи се наоѓаат во магацинот на увозникот.

Станува збор за 2.400 парчиња говедска коцка за супа од по 120 грама увезени на 15.07.2024 година и исто количество пилешка коцка за супа увезени на 16.07.2024 година, сите со посочените серии и рокови во известувањето добиено во вторникот доцна попладне, преку Системот за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ (RASFF – Window) со референтен број 2024.5845. Инспектор за храна на АХВ по спроведениот вонреден надзор на операторот со храна му издаде забрана за пуштање во промет на наведените производи и нареди нивно нештетно уништување на депонија, се појаснува во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.