Според Заев седници ќе има, се смириле страстите во ДУИ
Премиерот Зоран Заев го отфрли барањето на албанската опозиција, Алијансата за Албанците и Алтернатива, со три сведоци да се даде државјанство на тие што се уште имаат проблем да се регистрираат во државата како жители. Тој беше категоричен дека е невозможно на таков начин да се дава државјанство и дека тоа го нема никаде во светот.
-Тој што одлучува и го става својот потпис на државјанството не може да го темели тоа на изјава на некакви сведоци. Позитивни сме кон тие 850 граѓани што немаат државјанство, се бара решение за нив, но не мислам дека за ова прашање треба да се прави блокада, рече Заев.
Околу неработењето на Парламентот поради бојкот од страна на пратеници на ДУИ, Заев рече дека во оваа партија на последниот состанок ги затвориле отворените прашања и дека сега групата ќе биде комплетна и ќе се закажат идните седници.
-Ќе работиме во полн капацитет со 62 пратеници, рече Заев, тврдејќи дека никој не побарал од него смена на министри од ДУИ од Владата, а според изјавата на лидерот Али Ахмети за тоа не се ни разговарало на состанокот.
Околу изјавата на претседателот на МАНУ дека се укинува наводно катедрата за македонски јазик Заев рече дека не само што не му паѓа на памет на некој да ја укине катедрата за македонски јазик туку и се користи годишнината за Блаже Конески за дополнителна афирмација на македонскиот јазик, преку дигитализација и активности за негова афирмација во ЕУ. Така, нагласи тој, „нема ништо вистина во лажните информации на почитуваниот претседател на МАНУ“.
За одбивањето на оваа институција да стави „Северна“ во името премиерот нагласи дека тука нема простор за сакање или не, бидејќи тоа е обврска регулирана со закон.
-Преспанскиот договор е закон, ратификуван е во Парламентот, и тој мора да се почитува. Имаме законски рокови за промена на името на сите институции кои земаат пари од буџетот. Најдено е добро решение со Грција и тоа треба да се почитува. Низ раговор ќе се најде решение со МАНУ, беше уверен Заев. (Н.В.)