Според ВМРО-ДПМНЕ ова е најголемо поскапување на струјата досега


Фото: Б. Грданоски

ВМРО-ДПМНЕ го оцени денешното поскапување на струјата како најголемо во Македонија досега.

-Регулаторната комисија за енергетика под контрола на СДСМ удри по џебот на граѓаните.Парите кои СДСМ ги потроши за поткуп сега ќе ги враќа во буџетот преку покачени давачки, кои треба да ги плаќаат граѓаните.Домаќинствата низ цела Република Македонија, сега ќе треба да го покријат изборниот поткуп на СДСМ. Имено Регулаторната комисија денеска донесе одлука за покачување на цената на струјата во висина од 7.4%. Со тоа сметката на струја која до сега била 1.500 денари станува 1.600 денари, а сметка од 3.000 станува 3.200 денари.Ова е поздрав од Заев до граѓаните. Зголемувањето на цената на струјата во време на корона криза може да го направи власт која се грижи само за себе и своите интереси, власт на која народот и е на последно место.

Регулаторната комисија за енергетика која ако беше навистина независно тело, а не партиска комисија ќе знаеше дека обичниот граѓанин едвај го поминува месецот да се прехрани. Секоја зголемена давачка му е товар на буџетот.Ја прашуваме РКЕ: Затоа ли го одложи носењето на цената на струјата пред изборите, за да може сега без жал и одговорност да ја зголеми истата водејќи сметка само за компаниите, но не и за македонскиот народ.

Ова е најголемото покачување на струјата во Република Македонија во изминативе 12 години. За тој период земјата немаше вкупно кумулативно покачување на струјата од 8%, а сега имаме покачување од 7.4%. Ова е вистински удар по џебот на граѓаните и нивниот стандард.Изговорот на Регулаторна комисија дека ЕЛЕМ и МЕПСО имаат намалени приходи не држат, затоа што токму овие две претпријатија беа користени како место за вдомување на партиски активисти на високи плати, непосредно пред избори бидејќи се вработени повеќе од 1.000 лица.Дополнително загубите се и поради аздисаноста на власта со тендерите во РЕК Битола, каде вртеа камиони на фирми блиски на Заеви, оценува ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ возвратија дека Регулаторната комисија  е независна и високо професионална институција која во изминативе две години направи и спроведе одлични реформи во својот делокруг.
-Веруваме дека нивните одлуки се професионално димензионирани во насока на заштита на интересите и на граѓаните и на компаниите. И со корекцијата на цената, Република Северна Македонија и натаму има една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа. Пандемијата со коронавирусот што ја зафати нашата земја но и целиот свет го погоди и енергетскиот сектор на глобално ниво.
Потрошувачката на струја драстично се намали.
Од друга страна, во овој период на вонредна состојба енергетскиот сектор одговори на задачата и граѓаните имаа струја постојано. Дополнително се покажа одговорност и во ваква состојба обезбедено е пролонгирано плаќање на сметките без камати, како и да нема исклучување од енергетските системи во време на вонредна состојба. Ова е резултат на здравите енергетски политики и континуираните инвестиции во зголемување на домашното производство и обезбедување на сигурна и стабилна испорака на електрична енергија.
За да се задржи функционалноста на енергетскиот систем во вакви вонредни состојби за потрошувачката кои неминовно следуваат, цената на електричната енергија се корегира за 7,42% односно за сметка од 1.500 денари ќе има корекција од околу 100 денари. За да се заштитат граѓаните евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали исто како и до сега.Преку евтината тарифа 15 милиони евра годишно остануваат кај граѓаните, а најголем дел од нив се социјално ранливите групи, пензионерите и невранотените лица кои најмногу ја користат оваа мерка, стои во контра реакцијата на СДСМ.