Според владиката Петар лани имало до 800 венчавки во црква, годинава само пет


Владата вчера го прифати мислењето на Комисијата за заразни болести да не се прифатат барањата за измени на протоколот за работа на угостителските објекти и да важи и натаму забраната за правење свадби, крштевки и други свечености. Владиката Петар тврди дека  годишно во Преспанско пелагонсиката епархија се склучувале од 500 до 800 црковни бракови, а сега, од почетокот на пандемијата со ковид 19, се случиле само пет.

„Сметаме дека во нашата епархија, многу малку, не мислам дека се повеќе од 5 бракови склучени од почетокот на пандемијата до сега, макар што годишно браковите во Преспанско-пелагониската епархијата се вкупно некаде околу 500 до 800 бракови.  Причината за ова е ковид 19 вирусот и мерките што се од страна на владата  врз база на проценката на здравствената комисија определени. Обично луѓето сакаат овај значаен чин во нивниот живот , здружување со брачниот другар да го направат со една прослава што ќе следува не само во потесното и поширокото семејство, туку да бидат поканети и пријатели и другари“, рече г.Петар, Митрополит Преспанско -пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски.

Владиката Петар ги повика младите да не го одложуваат стапувањето во брак и венчавката во црква, само затоа што не можат да направат прослава во ресторан со многу гости.

„Ние се трудиме да укажеме на тоа дека треба да се изврши чинот на венчавањето во храмот во најтесниот круг на семејството согласно препораките за заштита за пренесување на болеста ковид 19, а да го направат тој чин односно веселбата да ја одложат за подоцна, затоа што најбитното е чинот да се изврши во храмот, “ рече митрополитот г.Петар

Венчавањето во црква  е дозволено и може да се реализира  по  одредени протоколи и во кругот на најтесното семејство.