Според Таравари, пресудите за „Монструм“ биле фабрикувани за невини Албанци


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателскиот кандидат на албанската опозиција, Арбен Таравари, пресудите за страшното злосторство ги нарече монтирани, а делото „фабрикувано од параполитичките структури“. Тој ги нарече петтемина осудени „невини Албанци“.

„’Монструм’, ‘Сопот’, ‘Бродец’, ‘Алфа’, ‘Диво Насеље’ и други, сите се имиња кои нѐ потсетуваат на отворената рана во нашето општество, онаа на селективна правда која ги угнетува Албанците. Овој систем на неправда го претвори Албанецот во парче месо, за политички пресметки или за туркање на шовинистичката агенда секогаш кога се загрозува нечија власт“, нагласи Таравари.

Тој како претседател на Републиката ќе презел конкретни чекори за решавање на „политички монтираните случаи и за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем“.

Коалицијата „Вреди“ се обврзува за создавање на привремено тело од западни експерти, главно европски, кои ќе бидат интегрирани во обвинителските и судските совети на Македонија со шестгодишен мандат. Ова тело ќе треба да ја следи работата на домашните судии и обвинители, но и работат како судии и обвинители.

„Со доаѓањето на ‘Вреди’ на власт, сите жртви на монтираните случаи ќе бидат ослободени и обештетени“, рече Таравари.