Според Мицкоски, македонските преговарачи со Бугарија биле полжави кои стигнуваат до врвот
Уште еден напад стигна денеска од лидерот на опозицијата околу преговорите што ги водат македонските и бугарските дипломати за надминување на спорот меѓу двете земји. Христијан Мицкоски на прес-конференција изјави дека „од наша страна преговараат луѓе кои не знаат што се преговори, туку само знаат да наведнат глава и по принцип на полжавот да стигнат до врвот“.
Тој сакал да биде оптимист, дека договорот ќе биде пропорционален а не едностран, но „за жал досега тоа не се случи“. Мицкоски ја повтори старата реторика дека се тргувало со македонските преговарачки позиции.
„Континуирано се лицитира со нешто што не треба да се лицитира. Така не се водат преговори, но ги разбирам. Преговараат луѓе коишто во животот не преговарале. Преговарале луѓе коишто во животот само знаеле што значи да наведнат глава и по принципот на полжавот да стигнат до врвот. Не знаат што значи навистински да се испреговара и да се успее во тие преговори“, рече Мицкоски. И дополни дека „вака како што тргнале работите мислам дека не ни се пишува на добро, но среќа што немаат две третини во парламентот и ќе не можат некои одлуки да ги спроведат“.