Според Меркел Западниот Балкан го чека долг пат до ЕУ


Земјите од Западниот Балкан имаат уште долг пат пред да станат полноправни членки на Европската Унија, но целта на Германија е да стигнат дотаму, порача германската канцеларка Меркел од Белград.

„Знам дека перцепцијата е оти процесот на европските интеграции тече бавно и дека европската страна поставува нови барања, но гледаме низа резултати и гледаме напредок. Внимателно се води сметка да им се поставуваат исти услови на сите држави од Западниот Балкан“, рече Меркел на заедничката прес-конференција со Вучиќ.

Таа наведе дека ЕУ  има геостратегиски интерес сите земји од Западниот Балкан да бидат примени во членство и укажа на опасноста од „влијанија од други региони“ доколку Унијата не делува доволно брзо во некои ситуации.

Меркел ја охрабри Србија „да оди понатаму кон правна држава и плуралистичко општество“ и додаде дека „економските успеси треба да биде показател дека членството во ЕУ е цел која се исплати“. Меркел рече дека низ годините изградила „однос на полна доверба“ со српскиот претседател Вучиќ. 

 

„Го запознав Вучиќ како личност која не дава лажни ветувања туку секогаш се обидува да го спроведе она што го ветил“, рече Меркел. 

Од Белград, Меркел ќе продолжи во Тирана каде во вторник ќе се состане со премиерите на останатите пет земји од регионот. Предвидена е и билатерална средба со македонската делегација која ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, а ќе биде придружуван од вицепремиерот Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи.  

Се очекува Меркел да се повлече од политиката по парламентарните избори во Германија закажани за 26 септември годината. Таа мина 16 години на чело на германската влада.