Пратениците се одлепиле од реалноста кога гласале за Кривичниот закон, порача Костадиновски


Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, оцени дека пратениците кога гласале за оспорените измени на Кривичниот закон се „апстрахирале од реалноста“, што тој ја опиша како држава со „корупција од пандемиски размери, дефицит на одговорност и суфицит на неказнивост“.

Тој на прес конференција соопшти дека Уставниот суд, имајќи ја во предвид реалноста во земјата и фактот дека место да се заострат казнените мерки, тие со измените се олабавиле, со мнозинство поддршка решил да поведе постапка за оценка на уставноста на измените на Кривичниот закон, а за да нема правна празнина, Судот му дава шест месеци рок на Собранието да се корегира, т.е. да ги направи неопходните измени според аргументите на Уставниот суд. Во спротивно, Уставниот суд ќе поведе постапка за оценка на уставноста која ќе резултира со укинување или поништување на овие законски измени. Неговата оценка сепак беше дека, каква и да е одлуката и што и да резултира од постапката, дел од работите не можат да се вратат назад,  односно дека штетата е непоправлива. 

„Каква и да е нашата одлука, се сомневам дека штетите можат да се поправат. Собранието го повреди политичкиот плурализам. Овој закон не е ништо друго освен покажување на моќ, ароганција. Работата на пратениците е да ги застапуваат интересите на граѓаните, кои во овој случај не се еднакви. Измените имале некаква цел, но тоа не е таа што ја бараат граѓаните“, рече Костадиновски.

Костадиновски ги изнесе оценките на судиите кои застанаа зад одлуката за оценување на уставноста на законските измени, а кои според него биле дека тие се штетни за правниот поредок, нанеле непоправлива штета на правната држава и предизвикале далекусежни последици. Колку, пак, биле во расчекор со општествената реалност и состојбите во државата тој направи паралела со случајот со Фросина Кулакова, чие прегазување покрена бран на протести и барања за заострување на казните, додека пратениците на истите барања за справување со корупцијата и со злоупотребите одговориле обратно, со отворање можност  за ослободувања. Собранието според Костадиновски морало да води грижа за таа реалност кога ја носело одлуката, при што го наброја и местото на кое се наоѓа Македонија на листата на корупција на „Транспаренси“’. 

„Носење на ваков закон е правно неоправдано“, рече Костовски, поставувајќи неколку јавни дилеми на кои даде веднаш негативен одговор: Дали Собранието имало легитимна цел за да го усвои тоа, дали овие законски измени можат да го положат тестот за општествена оправданост и дали се имало во предвид дека со него се повредува правото на еднаквост пред правдата и дека некои се привилегираат? Затоа, тој рече дека кај уставните судии имаат сериозен сиомнеж во уставноста на законот.

На прашањето што чекал Уставниот суд досега кога иницијативата за оценка на неговата уставност е од 2023 година и да беше одлуката навремена ќе се спречеше штетата, Костадинов рече дека тој лично  предметот го добил пред месец ипол, но се согласува дека реакцијата требало да биде побрза. (С.Ј.)