Според Фродем, вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ го барала „алчната Мериот коалиција“


Фродем, кој сега е веќе интегриран во ВМРО-ДПМНЕ, денеска оцени дека иницијаторите за вонреден конгрес на партијата биле „одработувачи на политиката на Заев“ и го повика членството да не потпаѓа под влијание на сценариото за растурање на партијата. „Дали ВМРО ДПМНЕ во иднина ќе се реформира како и секоја друга европска современа демократска и патриотска политичка партија одлучуваат исклучиво членовите на партијата, а не сценаристите од Бихаќска и внатрешните алчни петтоколонаши“.

Според Фродем, ВМРО ДПМНЕ не заслужувала да ја рушат, „а најмалку да ја водат кадри кои зад себе имаат еден куп кривични пријави, ниту вмровци по професија и потреба, а најмалку партиски профитери и слугувачи“. Конгресот на ВМРО ДПМНЕ мора да биде реформски со кој партијата конечно ќе се ослободи од ваквите структури, а не Конгрес кој ќе биде спас од апс и од казна на оние кои донеодамна слугувајќи ги полнеа своите џебови, а сега шуруваат и одработуваат за политичкиот конкурент, велат од Фродем.