Според Филипче, Христовски лажел и за стажот за да биде директор на АНБ


Христијан Мицкоски му доставува наводни сертификати на луѓе иод СДСМ (Фото: Б. Грданоски)

 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, влезе во вербален дуел со премиерот  намденешната седница на Собранието околу именувањето на Бојан Христовски како прв човек на АНБ, но Мицкоски не одговори директно што ќе преземе околу тврдењата дека со лажни документи дошол до функцијата, заканувајќи се дека и тој ќе извади лажни  сертификати на лица ставени на раководни функции од СДСМ.

„Еден од многуте скандали на оваа власт е грубата и опасна партизација на Агенцијата за национална безбедност. Власта го враќа ВМРО-МВРО со узурпирање на безбедносната служба“, обвини Филипче во пратеничко прашање до премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања.

„Покрај тоа што поставувате криминалци за директори, осудени лица за директори на затвори и јавноста се смее, ова партизирање на АНБ воопшто не е за смеење. Напротив, ова многу загрижува и ја потврдува вашата намера да ги узурпирате клучните безбедносни институции. Вие господине Мицкоски изгледа заборавате дека заради овие ВМРО-МВРО диктаторски политики 100.000 луѓе маршираа по улиците“, рече Филипче.

Потоа Филипче презентираше докази дека станува збор за незаконско поставување на директор на Агенцијата за национална безбедност.
 
„Ова се документи доставени од нас од свиркачи. Изводи од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување. Со малку математика може да се оспори и главниот услов за негово назначување,е го исполнува вашиот партиски кадар. Медиуми од Македонија и Бугарија веќе покажаа дека Христовски нема ниту вистински документ за соодветно познавање на англиски јазик. Документот што го приложил е од училиште во Пловдив Бугарија, а во Пловдив воопшто нема TOEFL центар за тестирање. Значи, за да стане директор свесно употребил фалсификуван документ и со тоа направил кривично дело. Нели, господине Мицкоски, ветувавте поразличен начин на работа? Нели мерит систем најавувате?“, праша Филипче.
 
Тој го праша Мицкоски дали ќе го разреши  Христовски по овие информации.
 
„Професионализмот мора да се заштити и АНБ да биде во функција на државните интереси, а не на интересите на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа Христовски треба да биде разрешен, да биде назначен нов директор на АНБ, а надлежните институции целосно да го истражат случајот и да има одговорност“, рече Филипче.

 
СДСМ веќе поднесе иницијатива со која бара свикување на отворена седница на собраниската Комисијата за надзор над работата на АНБ. На ова седница треба да биде поканет директорот на АНБ и да даде одговор на сите прашања и основани сомнежи за неговото незаконско поставување, но и основани сомнежи за прекршување на законите.
 

„Едно од тие прашања е врз основа на информацијата којашто е доставена до нас од свиркачи за тоа каде бил Бојан Христовски на денот кога тврди дека полагал за сертификат по англиски јазик?Одговорот на ова прашање очекуваме да ги потврди основаните сомнежи за овој скандал. Седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ е неопходна за јавноста да може да се увери дека после оставката на членовите на Комисијата за помилување, треба да следи уште една оставка на Бојан Христовски а потоа и да следи одговорност“, соопштија утрово од СДСМ.

Премиерот Мицкоски  му возврати на Филипче дека треба да си го смени тимот кој го брифира, затоа што не 5 години, туку 9 има таков сертификат.

„Има институции кои тоа треба да го проверат. Вие сте решиле да правите политика од тоа, легитимно е, мислите дека на тој начин ќе добиете нешто. Не мислам дека добивате, но ако мислите вие, терајте, но не добивате. Ќе ви дадам сличен сертификат од личноста која седи до вас. Знаете колку има такви сертификати? Сакате за директорите кои ги назначи СДСМ да ги видите сертификатите? Немојте на тоа да правите политика, има институции во државава кои треба да водат сметка. Овие сертификати ќе ги дадам на министерот за внатрешни работи“, изјави премиерот Мицкоски.

На истата тема поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, за БИРН изјави дека додека таа раководела со државната институција имале пријави за слични случаи. Нејзината препорака е сите што на раководна позиција дошле со сертификат стекнат во странство – да преполагаат во државата. Според неа, можноста да се признаваат сертификати за познавање странски јазик стекнати во други држави, особено тие од соседните земји, Бугарија и Албанија, стана опасен извор на корупција.

Од работа по предмети по кои постапувавме како претходен состав на ДКСК, констатиравме дека не e воспоставен јасен систем на контрола, надзор и верификација на веродостојноста на сертификатите за познавање на странски јазици стекнати во странство, ниту пропишан начин за да се утврди дали едукативните и јазичните центри во странство се членови на Здружението за европски тестатори. Поради ова ДКСК, како превентивен орган, даде препорака Министерството за образование да изнајде соодветно решение за полагање на испит за познавање странски јазици, над кое ќе може на соодветен начин да се врши надзор по основ на компетентноста на издавачот и надлежностите при утврдување на веродостојноста на издадените сертификати.

Сметам дека најефикасен начин за справување со оваа состојба е, институциите кои вршат избор и именување на раководни лица да ги признаваат само сертификатите стекнати во акредитирани институции во државата. Сите оние кои до раководна позиција дошле со сертификат стекнат во странство нека преполагаат во државата. Кој нема да го положи испитот нека сноси целосна одговорност“, порача Ивановска.