Катица Јанева сместена во посебен оддел во Шутка


Фото: Б. Грданоски

Директорот на Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, Есад Рахиќ, во интервју за Радио слободна Европа вели дека специјалната обвинителка Катица Јанева не е притворена во женското одделение на затворот, туку во посебен оддел каде што според безбедносната проценка на затворската управа има друг третман, од безбедносен здравствен и секаков друг аспект.

– Во принцип, ниедно притворено лице не е само, секогаш мора да има уште еден. Меѓутоа, со оглед на тоа што станува збор за личност која била специјален јавен обвинител, посебен општествен интерес, бидејќи тоа така брзо е направено, ние сметавме дека во еден временски период треба да направиме комплетна безбедносна и здравствена проценка и госпоѓата да биде сместена на адекватно место. Малку сме ограничени со тие сместувачки капацитети, имаме три одделенија и, за жал, по подолго време, првпат во историјата на притворот и на затворот се случува да имаме некаде околу 18-20 жени бидејќи најмногу имало по 3-4. Тоа се поголеми одаи, да не речам ќелии, во кои има по 4, 5 или 6 жени. Малку е незгодно, има разни профили на жени внатре, имате женски лица судени за убиство, имате за изнуда и малку е тешко да вклопите еден таков профил како госпоѓа Јанева меѓу тие лица. Но ние си ја вршиме нашата работа, така што таа е сместена на најдобар начин на кој можеме да го направиме тоа – вели Рахиќ.

Запрашан кој е сместен во хашкото одделение, Рахиќ одговори дека таму во моментов од 20-ина притвореници, само еден или двајца се ВИП.

– Има одаи во кои се сместени тројца луѓе за кои немате претстава кои се. Тоа не е воопшто поради ВИП, туку поради одредени проценки – вели Рахиќ.

Дополнително тој кажа дека тепачката со ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски била класична местенка за тие да излезат од притвор.

– Мојот претходник Котевски коректно си ја вршел работата. Мислам дека тоа е сплет на несреќни околности, да не кажам една класична местенка изрежирана да се случи тоа, за дел од тие што учествуваа во тепачката да излезат надвор – рече Рахиќ. Околу фотографиите со затворениците што излегуваат од затворот тој вели дека е тешко да се спречат.

– Многу е тешко да се контролира нешто што е ендемско. Има, како и секаде, една одредена мала група корумпирани луѓе што работат тука и на разни начини се снаоѓаат и успеваат да „бутнат“ по некој телефон. Ние вршиме редовни контроли, одземаме дел од тие телефонски апарати и тие кај кои се наоѓаат се санкционираат. Во моментов се води постапка против еден затворски чувар. Има дадено изјава од притворено лице, дека тој зел пари, а не испорачал телефон, така што ние ги информиравме надлежните органи за тоа лице да биде санкционирано. Тоа е обид на оваа управа, за нешто што лично сметам дека е аномалија, ќе се обидеме да ја исправиме – рече Рахиќ додавајќи дека набавка на телефон во затвор „чини“ 200 евра, па и повеќе во зависност од корисникот на телефонот, колку му треба и каков е телефонот, при што само минатата недела заплениле околу 10-15 телефони.