Според анкета на „Брима“ СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ со 2,6 отсто


Фото: Б. Грданоски

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска објави резултати од анкета на агенцијата „Брима“, според кои партијата има предност од 2,6 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето „Доколку денеска се одржат парламентарни избори, за која политичка партија ќе гласате“ 18,9 отсто од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за СДСМ, додека 16,3 отсто рекле дека својот глас ќе му го дадат на ВМРО-ДПМНЕ. Понатаму следат ДУИ со 6,3, Алијансата за Албанците со 5,9 и Левица со 4,3 отсто. Најпосле на табелата се Беса со 3,9 и ДПА со 1,6 проценти.

Според оваа анкета, доверба во Зоран Заев изразиле 12,6 отсто од испитаниците, а во Христијан Мицкоски шест отсто.

На прашањето „Што е подобро за нашата земја, да стане или да не стане членка на ЕУ?“ 76,3 отсто од испитаниците одговориле дека е подобро да станеме членка на ЕУ, додека 19,8 отсто одговориле дека е подобро да не станеме членка на ЕУ.

Анкетата на „Брима“ е правена теренски во периодот од 28 мај до 16 јуни со 1.194 испитаници. Маргината на грешка е +/- 2,8 отсто.

Анкетата прво е направена, па понудена и СДСМ, како што се наведува во нивното соопштение, ја откупил, па има можност да ја објавува.