Според Ангел Димитров 10 отсто од граѓаните на Македонија станале Бугари
Претседателот на бугарската историска комисија, Ангел Димитров, во емисијата „Сабота 150“, ги нарече бесплодни состаноците со македонските историчари бидејќи не даваат резултат. Според него Љупчо георгиевски е единствен политичар кај нас кој бара позитивен исход.
„Исклучително ми е незгодно што треба да ги опишам нашите состаноци како бесплодни. Кога не постигнуваме резултати, значењето на активноста на една ваква важна комисија почнува да згаснува и таа станува инструмент за игри во политичките односи меѓу двете земји … За време на последните две средби се сопнавме на Средниот век. Нашите колеги демонстрираат двојни аршини. Тие сакаат да се откажат во разговорите за учебниците од она што веќе го дефиниравме во заедничкиот предлог до двете влади за заедничката прослава на кралот Самуил, каде што јасно е наведено дека тој е бугарски владетел. Тие се обидуваат да се откажат од оваа заедничка позиција постигната пред повеќе од година ипол. Разговорите стануваат мачни бидејќи слушаме политички тези што се целосно лишени од историска основа “, тврди Димитров.
Тој смета дека „македонската мантра е право на поинаква перцепција со цел да се постигне мултиперспективност на крајниот резултат“. Притоа, тој даде коментар и на предлозите на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.
„Тој е еден од ретките политичари во РСМ кој бара позитивен пристап и нормален излез од создадената бесмислена напнатост. Георгиевски е најискусниот политичар на современата политичка сцена и секако е најзаслужниот меѓу сите што работеа на промени во РСМ, на преминот од формална и нецелосна државност во независна држава. Тој не е политичар кој бара претстава, туку се обидува да најде решение. Неговите предлози се различни, некои се чисто политички, во други се обидува да влезе во историска материја, но повторно како политичар. Најнеспорни се неговите препораки за давање целосна гаранција од страна на РСМ дека нема никакви претензии кон Пиринска Македонија и дека нема да поддржува организации кои бараат македонско малцинство во Бугарија. На историчарите не им треба политички совет како да ја завршат својата работа“, оценува Димитров.
Според него, околу 10 отсто од населението во РСМ добило бугарско државјанство или го очекува, а реалното население во земјата не е повеќе од 1,5 милиони луѓе.