Според албанската опозиција Џафери не е прв туку трет Албанец премиер


Фото: Б. Грданоски

Европскиот сојуз за промени (ЕСП), во кој се обединети опозициските партии на Албанците, кој вчера не присуствуваше на изборот на техничката влада, денес излезе со став дека Талат Џафери не е прв, туку трет премиер Албанец  од Македонија.Оваа коалиција смета дека нема ништо историско во вчерашната „церемонија на самофалење“.

Имено, Европскиот сојуз изборот на Талат Џафери  го спореди со две именувања во 1986 година: на Вулнет Старова за претседател на Собранието на Социјалистичка Република Македонија во 1986 година и на Синан Хасани за претседател на претседателството на СФРЈ.

„Во двата случаи, етничката формалност беше злоупотребена за негирање, казнување и понижување на албанскиот национален дух и суштина во поранешната југословенска федерација и поранешната социјалистичка Република Македонија (…) Феноменот на поставување на про-форма албански лидери за една употреба сега ја опфаќа и Северна Македонија, во форма на поставување на Талат Џафери за премиер на ДУИ, но за да го рекламираат како прв албански премиер. На денот на неговото именување, во баналната церемонија на самофалење со пердуви над срамот, во Северна Македонија сè уште имаме деца на кои не им се овозможува и не смеат да учат на својот мајчин јазик“, се наведува во соопштението од ЕСП.

Според опозицискиот блок, оние кои го забораваат минатото ризикуваат тоа да им се повтори триесет години подоцна.