Спомениците на бугарските војници кај Кавадарци не се чепнати, објави БНТ
Двата споменици во близина на градот Кавадарци на бугарските војници убиени во Првата светска војна, кои се оддалечени километар и половина, се целосно недопрени, објави бугарската телевизија БНТ.
Новинар на бугарската телевизија заминал на лице место за да ја провери ситуацијата, откако ВМРО и бугарската Фондација „Македонија“ објавија дека за време на изградбата на автопатот што поминува покрај Кавадарци, двете воени гробишта се уништени. Досега бугарските власти не можеа да утврдат што точно се случи, но Министерството за надворешни работи на Бугарија веќе се јави со став.
БНТ разговарала со Ацо Темков, жител на Кавадарци, кој учествувал во реновирањето на еден од спомениците. Тој за БНТ изјави дека не видел воени гробишта.
Поранешниот директор на локалниот историски музеј, Петар Камчев, кој раководел со културната институција 37 години, исто така рече дека на местото имало само два споменици.
И тој не видел гробишта.
Тој вели дека во 2017 година, кога почнаа да го градат автопатот, прашале дали споменикот на Пере Тошев може да се помести. Се консултирале со тогашната организација на Бугарите и по нивна согласност споменикот бил поместен. Пере Тошев е убиен во 1912 година во Дреновската клисура на патот кон Прилеп од турските војски, кои го исекле на парчиња и го закопале во каналот покрај патот. Неколку дена подоцна неговите роднини од Прилеп гопронашле местото каде бил закопан и под надзор на Турците, Пере Тошев бил погребан во дворот од цркавата во селото Фариш, а во 1996 година неговите посмртни останки биле префрлени во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.
Споменикот на 193-те убиени бугарски војници е во непосредна близина на патот во изградба, кој треба да го поврзе Градско со Прилеп.
Лидерот на ВМРО, Красимир Каракачанов, тврди дека вкупно 400 бугарски војници кои загинале во Првата светска војна се закопани на две места во областа.
Бугарскиот претседател Румен Радев го осуди „сквернавењето на бугарските воени гробишта во Северна Македонија“ и рече дека случајот го истражуваат министерствата за одбрана и за надворешни работи.
„Ова допрва треба да се утврди, но тоа е систематски процес на дебугаризација, уништување на нашето културно-историско наследство во РС Македонија. Не случајно ова прашање го поставив на Советот во Словенија многу едноставно. Ова е предворјето за портите за интеграција во ЕУ на РС Македонија – правата на Бугарите, недискриминација, како и нивна целосна интеграција во културниот, економскиот, социјалниот и политичкиот живот на оваа земја. Исклучително е важно нашата поддршка за нивните барања да биде признаена во уставот на РС Македонија“, рече денеска Румен Радев.