Сплитската „Торцида“ ги оправдува нацистичките извици и величењето на Хитлер
На Фејсбук, „Торцида Сплит“ даде коментар за скандалозниот марш што се одржа пред натпреварот меѓу Ајакс и Хајдук, за време на кој се слушаа нацистички и антисемитски извици. Во својата објава, тие се обидоа да го оправдаат величањето на Хитлер и Аушвиц – како и извикувањето „гази го Евреинот“ – претставувајќи го тоа како дел од навивачкото задевање меѓу двете навивачки групи; исто така, упатија критики кон медиумите и полицијата.
„Со оглед на невидената медиумска хистерија и јавниот прогон на поединци кои се на мета на медиумите поради навивачките извици – извици кои во Холандија се стандарден дел од репертоарот упатен кон навивачите на Ајакс – сакаме да укажеме на опасните трендови што вклучуваат манипулација со јавниот простор и селективно спроведување на правдата во нашето општество.
Она што започна како задевање меѓу ривалски навивачки групи, со ’несебичната‘ помош на медиумите, се претвори во голем национален скандал. Без никакво разбирање за контекстот или сериозен обид да се утврди вистинското значење на кажаното, ’медиумските мршојадци‘ – за кои кликовите се поважни од фактите – со денови поттикнуваат јавен линч и ги ставаат поединците на ’столбот на срамот‘“, наведуваат од „Торцида“.
Во своето соопштение, тие истакнуваат дека додека „скандалите доаѓаат и си заминуваат, за на крајот да бидат заборавени – а земјата, во буквална и преносна смисла, се гуши во ѓубре“ – сите „расположливи ресурси“ се насочени кон „притворања, претреси и прогон на фудбалските навивачи“. „
„Ваквите случаи, кога станува збор за навивачите, не претставуваат преседан. И претходно сме биле сведоци на медиумски хајки и демонстрирање на институционална моќ, често под силен јавен притисок и со очигледна потреба да се создаде впечаток на одлучност и ефикасност.
Ваквиот интензитет на медиумски прогон и јавно изложување на поединци не се гледа дури ни во случаите на најсуровите убиства и најтешките кривични дела“, велат од „Торцида“. Кон соопштението приложија и фотографија од транспарент со натпис „Новинари – црви“, кој претходно беше истакнат на натпревари, како израз на незадоволство од начинот на кој се пишува за нив.