Списанието „Современост“ одбележува 70 години од постоењето 


Списанието за литература, култура и уметност „Современост“ вечер во Големиот салон на Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје ќе ја одбележи 70-годишнината од своето постоење.

Јубилејот на списанието „Современост“ годинава се поклопува со 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, кој и самиот во суштинска мера придонел за егзистенцијата и развојот на ова списание, а кому годинава му е посветен и тематски број.

На настанот ќе се промовираат скорешни изданија на списанието за кои ќе зборува главниот и одговорен уредник, современиот македонски писател Стефан Марковски. Дел од редакцискиот тим на „Современост“ се и Снежана Стојчевска, извршна уредничка и уредниците Мишо Китаноски, Верица Мукоска и Никола Алтиев.

Воедно ќе биде врачена наградата „Современост“ на Славчо Ковилоски, книжевен историчар и научен истражувач во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а ќе бидат доделени и благодарници на сите оние кои внесоа дел од својата  книжевна работа во списанието и се верни поддржувачи и читатели на македонските книжевни списанија.