Спинови и игри околу формирањето на владата

Бујар Османи доцна синоќа ги демантираше информациите објавени во албанските медиуми дека има договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за влада и уверуваше дека изворот на таа информација  не потекнува од неговата партија, иако со неа ДУИ практично си ја избилда преговарачката позиција.

„Нема никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ, но нема никаков договор и со СДСМ“, вели Османи.

Како контрареакција, од СДСМ објавија дека тие веќе имаат обезбедено мнозинство за влада, па, со оглед на ваквата изјава од Османи, се поставува прашањето дали социјалдемократите обезбедиле мнозинство со другите албански партии.

Фото: Б. Грданоски

Инаку, според оваа шпекулација ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се договориле да формираат заедно влада со Лазар Еленовски како премиер, кој на некој начин би го исполнил и барањето на ДУИ за премиер Албанец, со оглед на тоа дека има и македонско и албанско потекло. Подоцна таа информација беше сменета и се тврдеше дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се договориле ДУИ да даде премиер првата година, а ВМРО-ДПМНЕ наредните три години, што би значело дека за опозициската македонска партија е прифатлив условот што го наметна Али Ахмети во кампањата. Како и да е, точна или не, со таа информација се вежбаат граѓаните на евентуален договор кој би промовирал поголемо учество на ДУИ во власта.

Од ВМРО-ДПМНЕ тактички не ги потврдија ниту пак ги демантираа шпекулациите, оставајќи простор да се верува дека се активно вклучени во играта за формирање влада, откако сите ги отпишаа. Нивниот лидер Христијан Мицкоски, претходно, во неколку наврати тврдеше дека ќе се обидат да формираат влада, но не по секоја цена, навестувајќи на некој начин и одење во опозиција. Неофицијално тој вчера остварил средба со ДУИ на која разговарал за опциите за соработка, откако претходно и од СДСМ соопштија дека лидерот Зоран Заев веќе имал средби со Али Ахмети, со Зијадин села и со Африм Гаши. Двете најголеми партии во исто време си пуштаат спинови дека ќе земат пратеници едните од другите, иако не е јасно колку е реална таа можност.

Од СДСМ неофицијално вчера тврдеа дека тие ќе прават сосема сигурно влада и дека веќе имаат обезбедено мнозинство. Една од опциите, секако, е да се прави влада и со ДУИ, но сепак велат дека тоа не е извесно.

„СДСМ почнува сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање посветена Влада, која ќе се движи брзо напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата.

Разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, Влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат кој се вика ‚Северна Македонија – Едно општество за сите’. Разговараме за Влада која ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме“, порачаа социјалдемократите.

За информациите што се вртеа синоќа имаа свое објаснување:

„Очигледно е дека текстовите објавени вечерва се провидно политичко позиционирање преку злоупотреба на медиуми, заради постигнување подобри позиции пред јавноста, но и во преговорите на одредени политички субјекти“, ја прокоментираа од СДСМ веста за „договорената влада“ меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие  додаваат дека во следните денови претседателот Стево Пендаровски ќе му го додели мандатот на Зоран Заев.

Уставот предвидува претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. (Н.В.)