Спие Беџети, си спие и коалицијата


Ако човек сака да биде искрен, може само разочарано да констатира дека Блерим Беџети е човек од збор. Градоначалникот на Сарај уште пред неколку месеци си кажа дека ниту ќе ги легализира платформите на Матка ниту ќе ги урива. Се држи цврсто за таквиот став и мува не го лази.

Неговата доследност, но и институционалниот хаос со испреплетени ингеренции и натаму ја веслаат јавноста во ритамот на бизнисот со чамци што сопствениците турбо си го тераат. Наместо да го реши проблемот, поранешниот министер за правда (2011-2014) удри по премиерот Заев обвинувајќи го дека вршел притисок врз него да влијае на одредени членови на Судскиот совет за смена на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Бидејќи го одбил, следувала иницијативата на, како што вели, корумпираната Антикорупциска за негово кривично гонење.

Директното конфронтирање со премиерот за кое, наводно, претходно не бил известен шефот на партијата Али Ахмети го отвори прашањето за состојбите внатре во владината коалиција. Искрите што полетаа преку медиумите можеа да се видат и на прославата на годишнината од Рамковниот договор. Заев и Беџети не се поздравија и се позиционираа на прилично голема дистанца. Лидерот на ДУИ, Ахмети, сепак, уверува дека партнерството меѓу ДУИ и СДСМ функционира без проблеми но посочува на одредени разлики, но и на, како што вели, предрасуди од одредени членови внатре во партијата.

„Но, тоа не значи дека го загрозува партнерството и дека ќе се создаде некое незадоволство сè до непочитување на партнерството. Нема никакви проблеми кои би нè загрозувале нас, коалициските партнери“, рече Ахмети, кој е сигурен дека Заев и Беџети сами меѓу себе ќе ги решат недоразбирањата.

Дел од политичките набљудувачи оценуваат дека доброто функционирање на коалицијата, за кое зборува Ахмети, има лош ефект врз правната држава.

„Точно. Партнерството меѓу ДУИ и СДСМ функционира без проблеми, затоа немаме правна држава. Дуистите на власт се однесуваат како законот за нив да не важи. ВМРО-ДПМНЕ, а сега и СДСМ тоа го толерираат. За жал, тука не важи правилото ‘законот е над сите’. Многу државни функционери не кријат дека тие одговараат само пред лидерот на својата партија и пред никој друг. Дека коалицијата одлично функционира се гледа и по тоа како дуистите, кои останаа неказните за ‘добрите дела’ кога беа во прегратките на ВМРО-ДПМНЕ, се веселат на свадба. Ахмети од височина ги советува Заев и Блерим, како децата да се караат, споровите во меѓусебните односи сами да ги решат. Тој изгледа не знае дека овие спорови го допираат јавниот интерес и за нив постапки треба да покренат надлежните државни органи, а не тие самите да ги решат, со цел коалицијата меѓу ДУИ и СДСМ да функционира без проблеми, без да се применат законите“, коментира ексминистерот за финансии Џевдед Хајредини.

Премиерот Заев околу целиот проблем се огласи преку Фејсбук. Тој вели дека со Беџети разговарал за проблемот за експанзија на дивоградби на Матка. Барал да се постапува по закон и низ институциите на системот.

„Работа на градоначалникот е да работи во интерес на граѓаните, а не да брани дивоградби. Должност на секој е да работи и постапува исклучиво по закон. А за работата на Антикорупциска судат токму тие кои ја плаќаат нивната работа, а тоа се граѓаните. Не е објективно за работата на ДКСК да судат тие против кои има предмети“, му порача Заев.

А што всушност кажа Антикорупциска? Дека Беџети знаел дека не може да легализира монтажни објекти, а документацијата ја чувал во фиока. Наместо да ги одбие барањата, молчел со месеци. Со непостапување по барањата за легализација тој ги прекршил одредбите од Законот за локална самоуправа и затоа треба кривично да се гони.

Антикорупциска си го заврши својот дел од работата но иритира инертноста на надлежните органи кои се прогласуваат за ненадлежни. Како подбишега сега изгледа изјавата од пред неколку месеци на министерот за транспорт Горан Сугарески дека „ниту како човек, ниту како министер нема да прифатам дека институциите немаат надлежности“ и дека побарал од Државниот градежен инспекторат да ја испита комплетно работата. Доколку според законот за градба се утврдело дека овластениот градежен инспектор во Општина Сарај не постапува, тогаш градежниот инспекторат од Државниот градежен инспекторат се испраќа на самото место да ја констатира ситуацијата. Доколку не постапил со записник, се известува Министерството за транспорт и врски и тоа назначува инспектор кој понатаму постапува до извршување. Но бадијала цитирање закони кога на терен и натаму егзистира само самоволието на локалните големци.

И Град Скопје нема законска можност да ги урива дивоградбите. Тие ингеренции согласно законот за локална самоуправа се префрлени на општините што се во рамките на административните граници на Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов вчера изјави дека законот за Матка е во процес на изработка во соработка со Општина Сарај, со УНДП и со Министерството за животна средина.

„Јас инсистирам да спроведеме законско решение што нема да зависи од субјективната волја ниту на градоначалник на Град Скопје ниту на градоначалник на Општина Сарај, туку да формираме една институција која ќе се грижи за одржување на Матка. Само уште го бараме соодветното решение. Мислам дека ќе успееме да ги надминеме тие проблеми и дека потоа ќе можеме тој законски текст да го понудиме во Собранието на РСМ за донесување“, рече Шилегов.

Прашан во какви односи е со Беџети, Шилегов рече дека не чувствува оти има нарушено лични односи со него.

„Јас не чувствувам дека имам нарушено лични односи со градоначалникот на Општина Сарај, и не гледам зошто дури и доколку градоначалникот на Сарај смета дека тие односи се нарушени, не би продолжила институционалната соработка во интерес на граѓаните во Општината што ја предводи. Јас сè уште го чувствувам Блерим како близок човек, другар, работник со кој мора да соработуваме доколку сакаме да престане урбаното дивеење на Матка“, рече Шилегов, кој како што рече побарал од Беџети при средба во неговиот кабинет да се сруши дивоградбата која почнала да се гради годинава, иако Беџети тврдел дека таа е постоечка и се врши реконструкција.

„Тој рече дека и останатите две се дивоградби. Ние немаме никакви ингеренции за дивоградбите, каков е статусот на останатите две платформи во езерото Матка ми е непознат“, рече Шилегов. (Н.К.)