„Спејс-икс“ ќе испрати сателит кон Месечината целосно платен со крипто валута


Американската компанија „Спејс-икс“ (SpaceX) ќе лансира сателит во орбита на Месечината во 2022 година, кој целосно е финансиран со крипто-валутата Догекоин (Dogecoin), објави на Твитер шефот на компанијата Елон Маск.
„Следната година, SpaceX ќе лансира сателит „Дож-1 (Doge-1)“ кон Месечината, платен со крипто-валутата Догекоин“, напиша Маск.

На веб-страницата на канадската компанија Геометриска енергетска корпорација (ГЕЦ), која е сопственик на сателитот, се вели дека тој ќе биде лансиран во првиот квартал од 2022 година со помош на ракетата Фалкон 9. Сателитот ќе собира податоци за Месечината со помош на сензорни камери. Компанијата ќе го испрати сателитот користејќи програма за лансирање на комерцијални летала понудена од SpaceX. Висината на зделката не е објавена.

„Користејќи го Догекоин во договор од ваква големина, Геометриската енергетска корпорација и Спејс Икс го зацврстија Догекоин како валута за лунарно вселенско работење“, се вели во соопштението на ГЕЦ.

„Оваа мисија ќе ја демонстрира примената на крипто-валутите надвор од орбитата на Земјата и ќе ги постави темелите за меѓупланетарна трговија“, истакна потпретседателот за трговски операции на SpaceX, Том Очинеро.

Маск на почетокот на април објави на Твитер дека SpaceX „ќе го испрати Догекоин на Месечината“, но не објасни што точно сакал да каже. По објавувањето, вредноста на криптовалутата се зголеми за 30 отсто. Во неделата, среде веста за испраќање сателит платен од Догекоин, валутата се искачи на 0,58 американски долари по единица, за разлика од 0,50 долари претходната вечер.