Специјалниот британски претставник, Стјуарт Пич, кај Пендаровски
Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Велика Британија за Западен Балкан денеска ги почна разговорите во Скопје со средбата кај претседателот Стево Пендаровски.
Според соопштението од кабинетот на претседателот, двајцата соговорници размениле мислења и информации за актуелните состојби во земјава и регионот, како и можностите за соработка со Обединетото Кралство за темите од заеднички интерес, поврзани со стабилноста и безбедноста, како и зајакнувањето на институциите во борбата против организираниот криминал и високата корупција.
На средбата се разговараше и за прашањата поврзани со членството на Македонија во Европската унија и дијалогот со Бугарија. Пендаровски го информираше Пич за напредокот на дијалогот помеѓу двете земји. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за интересот и поддршката на Обединетото Кралство за македонско-бугарскиот дијалог и подвлече дека надминувањето на блокадата за почеток на пристапните преговори со Европската унија ќе внесе дополнителна предвидливост и стабилност на Западниот Балкан.
Соговорниците, меѓу другото, разговараа и за одличната билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство и можностите за зајакнување на соработката меѓу двете држави и за обезбедување натамошна британска поддршка во повеќе области и форми.
Сјуарт Пич беше именуван на функцијата специјален претставник за Западен Балкан во декември 2021 година.