Специјалната обвинителка во „специјален“ оддел во затворот во Шутка


Во посебен оддел, со уште една приведена, специјалната обвинителка Катица Јанева ги минува деновите во притвор. Јанева не е во женското одделение, таа е во посебен оддел поради безбедносна проценка на затворската управа, изјави директорот на истражниот затвор Скопје Есад Рахиќ во интервју за Радио Слободна Европа. 

-Во принцип ниедно притворено лице не е само. Секогаш мора да има уште еден. Меѓутоа, со оглед на тоа дека станува збор за личност која била специјален обвинител, од посебен општествен интерес, и бидејќи тоа е така брзо направено, ние сметавме дека во еден временски период ние треба да направиме комплетна проценка од безбедносен и здравствен аспект, вели Рахиќ.

Тој додава дека сега во притворот има 18 жени, што е најголем број на притворенички досега, а затворот во Шутка е  ограничен со капацитетите за сместување.

-Тоа се поголеми оддаи, да не речам ќелии во кои има по четири, пет до шест жени. Знаете, малку е незгодно, има различни профили на жени, имате женски лица осудени за убиства, имате за изнуда, знаете малку е тешко да вклопите еден таков профил како Јанева меѓу тие лица. Но ние си ја вршиме нашата работа, таа е сместена на најдобар начин на кој ние можеме да сториме – вели Рахиќ.

Тој потврдува дека во хашкото одделение на притворот е сместен осомничениот Бојан Јовановски и тој е одвоен од неговиот соработник и осомничен во предметот „Рекет“ Зоран Милески Кичеец.