Специјалната европска полиција во Брисел открила руски центар за дезинформации


Европската единица за борба против дезинформации открила бриселски портал што намерно шири информации кои доаѓаат од руските медиуми, особено од „Раша тудеј“.

Веб страницата „EP Today“ (www.eptoday.com) го злоупотребила името на Европскиот Парламент за да може да шири погрешни информации кои главно доаѓаат од „Раша тудеј“, се наведува во анализата што ја објави „EU&Disinfo“, а која ја пренесе Радио Слободна Европа.
Експертите го анализирале и излегодот на веб страницата која, според нив, исто така е измамничка, бидејќи има сина заднина во комбинација со 12 ѕвездички и со тоа „може да се стекне впечаток дека станува збор за сериозен портал“.

На страницата на „ЕП Тудеј“ пишува дека порталот „ е дизајниран само за европските пратеници да пишуваат текстови за прашањата за кои сметаат дека се важни во моментов и на кои им треба вниманието на сите нивни колеги и други политички актери“.

„EU&Disinfo“, меѓутоа, открил дека повеќе од 99 отсто од написите, што се појавуваат на оваа страница, не се оригинални текстови на „ЕП Тудеј“.

Во последната година овој портал имал копирано дури 47 отсто од написите на „Раша тудеј“.

„Често пати целата почетна страница е исполнета со комплетни копиии од написи на „РТ“. Истиот напис може да се појави и повеќе пати на истата страница“, се наведува во анализата на „Eu&Disinfo“.

Во двегодишното следење на содржините на оваа страница, аналитичарите пронашле само 25 текстови од европски пратеници, што подразбира дека само 0,14 отсто од содржината била за Европскиот Парламент.

Интересно е дека анализата го идентификува октомври 2018 година како пресвртна точка за уредувачката ориентација на овој портал. Имено, според наводите на „ЕU& Disinfo“, оваа веб страница до 24 октомври 2018 година користела екслузивно само содржини на „Гласот на Америка“  и од тој момент се свртела кон друг извор на информации, односно на „РТ“.

Според информациите од импресумот на „ЕП Тудеј“ се гледа дека порталот е сместен во Брисел и дека постои од 2007 година, дека го користат претставници на ЕУ, како и дипломатскиот кор. Исто така, веб страницата има значително присуство на социјалните мрежи а тие налози погрешно наведуваат дека оваа страница е во врска со ЕП.

„EU&Disinfo“ подвлекува дека ЕП уште во септември го контактирал „ЕП Тудеј“ во врска со неовластената употреба на името на институцијата и предложил начини за поправање на ситуацијата и запирање на измамата на јавноста. Меѓутоа, дури по објавувањето на оваа анализа порталот „ЕП Тудеј“ им се извинил на читателите заради употребата на написите на „Раша тудеј“.