Спасувачка акција по двајца планинари во подножјето на Титов Врв на Шар Планина

ЦУК: едно лице од планинарите е контактибилно, а другото лице паднало од карпа и во тек е спасувачката акција во подножјето на Титов Врв на Шар Планина


По добиен повик за итен случај, во тек е спасувачка акција во координација на Центарот за управување со кризи (ЦУК), односно преку Регионалниот центар за управување со кризи РЦУК Тетово, за извлекување на двајца планинари од кои едниот паднал од карпа во провалија и не се знае во каква состојба е во подножјето на Титов Врв на Шар Планина, соопшти вечерва ЦУК.

Според последното известување, РЦУК Тетово информира дека од страна на командирот на ТППЕ Тетово, кој се наоѓа на местото на настанот, е добиена информација дека е пронајден едниот планинар, којшто е контактибилен и има лесни повреди на главата, а се врши претрага за пронаоѓање и на другото лице, кое според изјавата на пронајдениот планинар, паднало од карпа и е повредено.

Од ЦУК додаваат дека според информациите кои што последователно ги добивааат, од МВР итно испратиле специјализиран тим со две теренски возила и дронови за ноќно извидување и претрага. Две возила ,,хамер” со седум припадници од специјалната единица на МВР, заедно со Началникот на СВР Тетово се тргнати од Попова Шапка и се движат кон Титов Врв. Исто така и ТППЕ Тетово со теренско возило и пет добро обучени нејзини припадници се упатени на местото на настанот. Сега тие и дејствуваат на место на претрагата кај Титов Врв, посочуваат од ЦУК.

Од таму појаснуваат дека настанот пријавен на 112 хронолошки се развива како спасувачка акција кога едниот од двата планинара прво пријавува дека на Титов Врв, во реон 500 метри подолу, со неговиот другар оделе кон викендица и се изгубиле. На другарот му се слошило и бил во лоша здраствена состојба, па побарал помош итно да се реагира. Преку 112 во ЦУК е направен конференциски повик со Полицијата во Тетово (МВР – ЦИК Тетово). Потоа, јавувачот на 112 повторно се јавил и известил дека неговиот пријател паднал од карпа во провалија и не знае каде е и во каква состојба е, а исто така информирал дека и тој е попомалку повреден. Бил уплашен и збунет и не можел да информира за каква повреда станува збор.

Спасувачите од ангажираните институции вложуваат максимални напори за да го пронајдат планинарот кој паднал од карпа, заради ниските температури или евентуалните посериозни повреди на лиццето за коишто немаме информација во која мера е повредено, велат од ЦУК.